Со многу конструктивни предлози кои ја одразуваат заедничката желба да се зајакне и продлабочи билатералната економска соработка меѓу Македонија и Казахстан заврши првата седница на меѓувладината македонско – казахстанска комисија за следење на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Казахстан за трговска и економска соработка, ратификуван на 3 ноември 2022 година.
Со комисијата претседаваше министерот за економија Крешник Бектеши како домаќин и министерот за национална економија на Казахстан, Алибек Куантуров како ко-преседавач.
По 9 години од потпишувањето на билатералниот Договор за трговска и економска соработка Бектеши истакна:
„Економските области кои се опфатени на оваа седница треба да дадат нова димензија во нашите трговски релации и значајно да ги подобрат трговските бројки. Задоволство е што минатата година се потпишаа четири Меморандуми за соработка помеѓу Комората за меѓународна трговија на Казахстан и четирите македонски комори: Стопанските комори на Македонија, Стопанската комора на Северна Македонија, Стопанската комора на северо-западна Македонија и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, кои се предуслов и стабилна основа за соработка и позитивен тренд за мврежување на компании од двете земји“.
Министерот информираше дека билатералната трговска размена помеѓу двете земји во периодот 2017-2022 година е релативно мала и изнесува 29,9 милиони долари во 2018 година, 3,3 милиони долари во 2019 година, 1,4 милиони долари во 2020 година, 4,7 милиони долари во 2021 и 2,8 милиони долари во периодот (јануари-август) 2022.
“Владата на Македонија останува посветена на привлекување странски инвестиции и ги поканува инвеститорите од Казахстан да учествува во инвестициски проекти. Имаме развиен концепт на привлекување на странски инвестиции во слободните економски зони и во индустриски зони.Компаниите кои работат во слободните економски зони учествуваат со приближно 50% од вкупниот извоз на земјата во септември 2022, и
над 14.000 вработени. 100% странска сопственост, 0% даноци и царина, ослободување од комунални такси, симболична цена за закуп на земјиште и директна државна помош во износ до 1.000.000 евра се само еден сегмент од понудениот пакет поволности со кој се истакнуваме како најконкурентна инвестициска дестинација во регионот и пошироко“ кажа Бектеши и додаде дека во 2020 година, за прв пат е донесен Закон за стратешки инвестиции, кој се однесува на инвестициски проекти од јавен интерес. Тие проекти треба да бидат усогласени со стратешките приоритети на државата“ кажа министерот.