Потпишан е договорот за изградба на коридорите 9 и 10-д, кои ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Станува збор за проект вреден 1,3 милијарда евра, а опфаќа изградба на вкупно 110 километри автопат, во рок од шест години.
Коридорот 8 ќе се протега на должина од 68 километри со автопат со 6 ленти, кој ќе ги поврзува Тетово со Гостивар, Кичево, Струга до Ќафасан, а Коридорот 10-д, автопат со 6 ленти во должина од 40 километри, ќе го поврзе Прилеп со Битола.
Владата го нарече проектот историски и најави дека ќе се финализира во период од 6 години од почетокот на работите.
„Реализацијата на оваа најголема капитална инвестиција во историјата на нашата земја ќе придонесе за економијата, за модернизација на патната инфраструктура, а во иднина ќе овозможи дополнителен развој на услугите, подобри услови за развој на бизнисот, поквалитетен живот и поврзување со соседите и меѓународните коридори“, велат од Владата.
Договорот беше потпишан во присуство на премиерот Димитар Ковачевски, првиот потпретседател на Владата, Артан Груби, амбасадорката на САД, Анџела Агелер, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, и претставници на меѓународниот конзорциум „Бехтел и Енка“.