Утрински Весник
Македонија

Бегалци и екстрадиција – 24info.mk

Kekenovski.jpg

Пишува: Проф д-р Јове Кекеновски

           Драмата Бегалка од македонскиот драмски писател Васил Иљоски, чија дејствија се одвива во првата деценија на ХХ век, го прикажува патријархалниот и конзервативен живот во тогашните македонски семејства. Наспроти ова, современата драма Бегалци не е театарско дело, туку реалност создадена од криминализираните политички елити и нивните соработници. Оваа „драма“ ги отсликува бедата, лагата, стравот, кукавичлукот, како и политичката и финансиската моќ на одредени обвинети или осомничени поранешни македонски политичари, бизнисмени и криминалци. Истовремено, таа ја рефлектира и непрофесионалноста, нестручноста и неодговорноста на високо позиционираните службеници во Министерството за правда, судството, обвинителството и полицијата од 1991 година до денес.


          Голем е бројот на лица кои избегале од правдата, а екстрадициите се исклучително ретки. Бројот на бегалци ќе беше значително помал доколку совесно се применуваше пробацијата и електронскиот надзор со алки, кои со години стојат неискористени во Управата за извршување на санкции и се донација од Европската комисија. Не ми е познат точниот број на бегалци, но некои од нив се добро познати на јавноста, како што се: осудените за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, Никола Груевски, Горан Грујевски, Никола Бошковски, Артан Груби, Перпарим Бајрами, Васко Ковачевски, припадници на скопските нарко-кланови и многу други.

         Кога се зборува за екстрадицијата, мора да се има предвид дека барањата од страна на Република Македонија ретко се уважуваат од државите во кои пребегале обвинетите, поради објективни, но пред сè субјективни причини:

  1. Правни пречки и заштита на државјаните – Многу земји, како Албанија, Србија, Бугарија, Косово, Црна Гора и други, не ги екстрадираат своите државјани. Голем број македонски државјани имаат двојно државјанство, што овозможува државите каде што пребегале да ја одбијат екстрадицијата.
  2. Политички причини и заштита на влијателни личности – Осомничените или осудените често имаат политички или бизнис врски во земјите каде што се засолниле, што води до одбивање на екстрадицијата или нејзино одложување.
  3. Недостатоци во барањата за екстрадиција – Македонските институции често не доставуваат доволно цврсти докази или формално исправни барања, што овозможува земјите-домаќини да ја одбијат екстрадицијата.
  4. Долги судски постапки во странство – Дури и кога има валидно барање, судовите во земјата-домаќин можат со години да го одложуваат процесот. Обвинетите користат правни механизми, како барања за азил, со цел да ја избегнат екстрадицијата.
  5. Недоволен дипломатски притисок – Република Македонија не врши доволен дипломатски притисок за да ги натера државите-домаќини да ги почитуваат екстрадиционите договори. Побогатите и политички помоќни земји користат дипломатски канали за екстрадиција, додека Македонија има ограничени ресурси и волја во оваа насока.

           Главните причини за неуспешните екстрадиции се законските заштити во земјите-домаќини, политичките врски на обвинетите, бирократските слабости на македонските институции и долгите судски процедури. Дополнителен проблем е недоволната стручност и авторитетност на македонските министри за правда. Во последните триесет години, ретко кој министер бил навистина компетентен за оваа функција, бидејќи партиите ги назначувале исклучиво врз основа на лојалност, а не стручност. Дури и оние кои имале знаење, се заглавувале во бескрајни реформи или во обидите да го контролираат правосудниот систем, што на крајот ни се враќало како бумеранг, бидејќи високо позиционираните персони во судството и обвинителството најдоа заштита во прегратките на политичките партии.

         Доколку Република Македонија сака да ја зголеми успешноста на екстрадициите, мора:

  • Да ја зајакне меѓународната соработка и да склучи повеќе билатерални договори за екстрадиција;
  • Барањата за екстрадиција да бидат квалитетно подготвени, со непобитни и цврсти докази.
  • Да се врши континуиран дипломатски притисок врз државите-домаќини преку меѓународните институции.

           Списокот на лица што треба да бидат екстрадирани постојано се зголемува, а ниту еден од високо профилните осомничени не е вратен во земјава. Доколку има вистинска политичка волја, оваа практика на бегство мора да запре. Владата покажува сериозна заложба за борба против криминалот и корупцијата и токму затоа е неопходно побрзо да се изнајдат механизми за враќање на сите осудени и осомничени кои пребегале во други држави.

Можете да прочитате

Владата тргнува во разрешување на државниот обвинител Коцевски

Николоски: Ќе се реконструира болницата „Св. Еразмо“ во Охрид

Одбележани 69 години од мавровската трагедија кога во лавините под Кораб загинаа 52 лица