
Башким Селими е избран за нов претседател на Советот на јавни обвинители (СЈОРМ), одлучи Советот на денешната седница. Досега ја извршуваше функцијата заменик претседател, а за нов заменик претседател беше избрана Маријана Илиевска. Предлогот за избор на Селими беше поднесен од членот Зорица Павловиќ и поддржан со осум гласови „за“ од вкупно 11 членови.
– Фала на поддршката, и тие што не гласале ќе бидат со мене, заедно ќе работиме. Како второ сакам да се заблагодарам на досегашната претседателка, додека го водеше Советот заеднички се боревме сите и понатаму ќе се бориме заеднички и ќе излеземе на добри патишта, рече Селими.
Изборот следи по престанокот на мандатот на претходната претседателка, Душица Димитриеска, на 1 октомври. За заменик претседател Селими ја предложи Маријана Илиевска, а предлогот беше едногласно поддржан. На денешната седница членот Ардијан Демири предложи одложување на изборот поради реформските закони во собраниска процедура, пред сѐ новиот закон за јавни обвинители, но предлогот не беше усвоен.
Исто така, на 32. седница беше донесена одлука за престанок на функцијата јавен обвинител по сопствено барање за Мустафа Хајрулахи, и формирана е Комисија за спроведување на стратегијата за комуникација и транспарентност за 2025 – 2028 година.

