Каталонскиот гигант Барселона ќе се откаже од идејата за формирање на Суперлигата. Ова во инает на Реал Мадрид, кој тргна против Каталонците во „случајот Негреира“.
Ексклузивната информација ја објави радиото „Кадена СЕР“, во популарното шоу „Carrusel Deportivo“.
„Очекуваме претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, да објави дека се повлекува од Суперлигата. Барселона до оваа одлука дојде огорчена од односот на Реал Мадрид во аферата која ја тресе Барса. Лапорта и раководството на Барселона велат: Не можеме да формираме ново натпреварување со партнер кој нѐ тужи“, објави радиото „Кадена СЕР“.
Барселона ја призна уплатата на сумата од повеќе од 8 милиони евра на сметката на компанијата на Негреира, но демантираше дека се работи за поткуп на судиите.
„Ги плативме споменатите суми за надворешен технички консултант, за да ни направи видео компилации од судиските настапи. Ги искористивме тие снимки за да собереме информации за нивниот стил и начин на судење, со цел соодветно да се поучат играчите. Практиката на ангажирање компании за вакви работи е вообичаена меѓу професионалните спортски клубови“, истакнаа од Барселона.