Утрински Весник
Македонија

Балансерот за министерот Минчев е завршена работа, за „Вреди“ тоа е нефункционално решение

Administraci A.webp.webp

Коалициските партнери во Владата ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ и вчера со реакции околу Балансерот. На изјавата на министерот за јавна администрација Горан Минчев дека темата за Балансерот е завршена, архивирана и веќе се спроведува, од коалицијата „Вреди“ велат дека Балансерот е нефункционално решение кое стана предмет за злоупотреба на Македонците, кои за да се вработат во јавна администрација се пишуваат Албанци.

Минчев посочи дека во Законот јасно стои дека алатката Баленсер се применува исклучиво на резидентното население што живее на територијата на државата, согласно податоците на последниот попис.

– Немам намера да провоцирам ниту еден од нашите коалициони партнери. Во Законот за вработени во јавниот сектор децидно пишува дека алатката Балансер се применува исклучиво за граѓаните кои живеат на територија на Република Македонија, а тоа е резидентното население согласно податоците од последниот попис. Се надевам дека колегите од „Вреди “ ќе се вразумат, ќе потрошат повеќе внимание на читање на постоечките закони и ќе се посветат на спроведување на овие закони, а нема да се занимаваат со дневно политички теми, изјави Минчев.

Според него, не постои ништо што е намерно, или ќе се почитува законот или нема да се почитува.

– Како министер сум должен да го почитувам законот и тоа ќе го правам се додека сум министер до последната запирка. Стриктно е наведен членот ако мислите за пресметката во Балансерот дека се однесува исклучиво на резидентното население, односно на територијата на Република Македонија. Тоа значи дека сите жители коишто живеат на територијата на Република Македонија ќе бидат во пресметката на т.н. Балансер, односно во формулата за пресметка. Таа тема е завршена и архивирана и се спроведува, изјави Минчев.

И министерот за дигитална трансформацијаја поздрави примената на дигиталната алатка Балансер за вработување во јавниот сектор согласно коригирани податоци од Пописот 2021 и новите пресметки на процентите според кои се зема предвид само резидентното население во државава.

Андоновски го поздрави и ангажманот на министерот за јавна администрација Горан Минчев за придржување кон новиот начин на примена на Балансерот, посочувајќи дека се додека не се промени законот или методологијата, ќе биде важечки новиот начин на примена на Блансерот и дека на оваа алатка и е вратена законската основа.

-Тоа значи дека во сегашната алатка Балансер само луѓето коишто живеат во Македонија се сметаат за вработување според таа алатка. Го поздравувам ангажманот и на министерот за јавна администрација што ја употребува алатката Балансер која  е сега законита и се додека не го промениме законот или не ја промениме методологијата, често кажувам дека само со промена на методологијата, ние веќе можеме да зборуваме за нов начин на почитување на принципот на соодветна и правична застапеност. Но, се додека тоа не се случи, додека немаме нов закон или промена на методологијата, валидна ќе биде оваа  сега веќе законска основа којашто ја дава алатката, рече Андоновски. 

Според „Вреди“ темата за балансерот е дневна политика која ја прават токму Минчев и лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски.

– Сметаме дека балансерот е нефункционално решение кое стана предмет на злоупотреба на Македонците, кои за да се вработат во јавната администрација се пишуваат Албанци. Затоа, неопходен е Закон за правична застапеност кој ќе овозможува Албанците да бидат дел од сите институции врз основа на квалитет, интегритет, стручност, велат од „Вреди“.

Според претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски „Вреди“ собира евтини политички поени и се обидува да го копира ДУИ за да му се додвори на албанскиот електорат. 

Но, тоа се погрешни политики. Времето на етнизација и поделби по етнички клуч треба да биде минато. Треба да се насочиме кон економијата, да поставиме систем на владеење, да се знае ред согласно законот и тоа да го почитуваме сите. Граѓаните не плаќаат за да обезбедиме подобри услови за живот, оцени синоќа Димитриевски во дневникот на ТВ Сител.

Димитриевски порача дека владината коалиција функционира, но има различни ставови, особено по националните прашања кои доаѓаат од „Вреди“. Долгорочна соработка е можна, подвлече, само ако се почитуваат законите кои треба да важат еднакво за сите.

Претходно, опозициската Демократската унија за интеграција изрази загриженост за одлуката на власта да го промени фунционирањето на Балансерот со измена на пресметката за правичната застапеност во институциите.

-Промената на формулата да го одразува само резидентното население, а не општото население е јасен обид да се маргинализира албанската заедница, но и да се поткопа придонесот на нерезидентното население кое континуирано придонесува за финансиската стабилност на земјата преку дознаки, реагираат од ДУИ. 

Можете да прочитате

(Видео) Со колони знамиња прославено во Скопје Денот на албанското знаме

Јаневска: Директорот во студентскиот дом „Пелагонија“ набавил пилешко по цена од 570 денари за килограм

Ратите за новите автобуси ќе се отплаќаат од 2028 година, најавува премиерот Мицкоски