Американскиот претседател Џо Бајден в сабота на 8 ноември ќе гласа предвреме на среднорочните избори, а ќе му се придружи и неговата внука Натали, која гласа за првпат, додека демократите се борат за секој глас.
Анкетите покажуваат дека демократите би можеле да ја загубат контролата врз двата дома на Конгресот, а незадоволството на гласачите поради високата инфлација го намалува моментумот на кој демократите се надеваа во жестоката битка со републиканците за правата за абортус.
Излезноста на гласачите – обично многу помала на среднорочните избори отколку во годините на претседателските избори – ќе биде клучен фактор во оние држави каде што исходот е неизвесен, а демократите ги повикуваат гласачите да гласаат порано.
„ Демократијата е буквално, а не фигуративно, на гласачкото ливче оваа година“, им рече Бајден вчера на приврзаниците на собирот на средства на Демократската партија во Филаделфија. Тој ги нарече овие избори „најважните среднорочни избори во нашиот животен век“.
„ Да бидеме јасни: овие избори не се референдум. Тоа е избор меѓу две различни визии на Америка“ рече Бајден, ветувајќи дека ќе ја кодифицира одлуката на Рој В. Вејд, со која се легализираше абортусот, а која Врховниот суд ја укина во јуни – доколку демократите успеат да го зголемат својот број во Сенатот.