Утрински Весник
Свет

Бајден одржа говор за состојбата на нацијата: Израел не може да ја користи хуманитарната помош за пазарење за постигнување договор

Ba Den.webp.webp

Американскиот претседател Џо Бајден синоќа изјави дека демократијата е загрозена и го нарече ставот на поранешниот претседател Доналд Трамп за НАТО неприфатлив, во обраќањето за состојбата на Унијата дизајнирано да ја спротивстави неговата визија за Америка и светот со онаа што ја застапуваше неговиот претходник и најверојатно противник во ноември на претседателски избори.

Бајден (81), говорејќи на заедничката седница на Претставничкиот дом и Сенатот, го започна своето обраќање со директно критикување на Трамп за неговиот повик до рускиот претседател Владимир Путин да ги нападне земјите од НАТО кои не трошат доволно за одбрана.

„Сега мојот претходник, поранешен републикански претседател, му вели на рускиот претседател Владимир Путин, цитирам: „Прави што сакаш“, рече Бајден. „Мислам дека тоа е безобразно, опасно и неприфатливо“.

Бајден ги истакна заканите за демократијата што ги поставува Трамп додека поранешниот претседател повторува лажни тврдења за неговата загуба на изборите во 2020 година. Доналд Трамп вети дека ќе се „одмазди“ за неговиот пораз во 2020 година, кој никогаш не го признал, а правните дејствија против него се натрупуваат.

Поранешниот претседател најави дека во живо ќе ги коригира зборовите на Бајден.

Во својот говор за состојбата на Унијата, Џо Бајден рече дека „слободата и демократијата се загрозени“. „Никогаш нашата слобода и демократија не биле во таква опасност во нашата земја како што се денес“, рече тој.

Бајден и Трамп победија на прелиминарните избори на нивните партии за претседателските кандидати во „Супер вторник“, па извесен е историски реванш на изборите на 5 ноември и покрај ниското ниво на поддршка за двајцата кандидати.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека Бајден (81) и Трамп (77) се во многу тесна трка.

Во говорот, Бајден повторно побара од Конгресот да ја поддржи Украина да го „запре Путин“ во неговата инвазија, обвинувајќи го Трамп дека „му се покорува“.

„Можам да ве уверам дека Путин нема да застане на Украина. Но, Украина може да го запре Путин ако ја поддржиме и го обезбедиме оружјето што и е потребно за да се одбрани“, рече тој, повикувајќи го Конгресот да дозволи помош за Киев, која е замрзната со месеци поради партиски судири меѓу демократите и републиканците.

„Тоа е сè што бара Украина. Таа не бара американски војници“, нагласи тој, мислејќи на неодамнешните зборови на францускиот претседател Емануел Макрон за евентуалното распоредување на војници.

Тој нагласи дека во Украина нема американски војници и „ве уверувам дека така ќе остане“. Макрон неодамна изјави дека западните сојузници не треба да исклучат каква било опција за спречување на руската победа во Украина, иако истакна дека сè уште нема консензус за тоа. „Историјата не набљудува“, рече Бајден повеќе пати.

Официјалното обраќање пред двата дома на американскиот Конгрес традиционално му дава можност на американскиот претседател да зборува за состојбата на земјата и приоритетите за иднината.

Бајден ги истакна неговите разлики со Трамп за демократијата, правата на абортусот, имигрантите и економијата за време на говорот што демократите го гледаат како главна можност за претседателот да добие поддршка за втор мандат пред телевизиската публика од милиони Американци.

Зборувајќи за тековната војна во Газа, Бајден повика на итен шестнеделен прекин на огнот и го предупреди Израел дека прашањето за хуманитарната помош за Газа „не може да биде второстепено прашање или договор за преговарање“.

Тој, исто така, го информираше Конгресот дека и наредил на американската војска да основа вештачко пристаниште во Газа за да испорача поголема хуманитарна помош на опколената палестинска територија.

Бајден, исто така, го поздрави приемот на Шведска во НАТО, „најсилниот воен сојуз што светот некогаш го видел“.

Шведска се приклучи на НАТО вчера во Вашингтон, две години откако руската инвазија на Украина ја принуди да ја преиспита својата национална безбедносна политика и да заклучи дека влезот во НАТО е подобар гарант за безбедноста од традиционалната политика на неутралност.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон, кој беше присутен на говорот на Бајден, вчера и ја предаде конечната документација на американската влада, што беше последен чекор во долгиот процес за влез во НАТО, кој требаше да биде одобрен од сите членки на воената алијанса.

Претседателот Бајден, исто така, го осуди укинувањето на федералната гаранција за абортус, ветувајќи дека ќе ја врати таа заштита доколку Американците изберат Конгрес со „право на избор“.

Тој, исто така, рече дека „нема да ги демонизира“ мигрантите како што тоа го направи Трамп, повикувајќи го Конгресот да усвои нацрт-закон за контрола на границите.

„Нема да ги демонизирам мигрантите велејќи дека ја ’трујат крвта на нашата земја’“, нагласи тој, осврнувајќи се на неодамнешните изјави на Доналд Трамп, но не именувајќи го. „Можеме да разговараме за границата или можеме да го решиме проблемот“, рече тој.

Одговарајќи на критиките на гласачите поради неговата возраст, Бајден рече: „На моја возраст, некои работи стануваат појасни од кога било“.

Во говорот што траеше нешто повеќе од еден час, Џо Бајден рече дека под негово водство, Америка го доживеа „најголемото закрепнување“ по пандемијата на Ковид-19, која ја фрли на колена најголемата светска економија.

„Наследив економија која беше на работ на колапс. Сега на нашата економија буквално ѝ завидува целиот свет. За три години се отворени 15 милиони работни места, тоа е рекорд. А стапката на невработеност е најниска во последните 50 години“, рече тој и заклучи дека тоа ја оцртува „иднината полна со ветувања“.

Можете да прочитате

Бела куќа: Хезболах го изврши нападот на Голанската висорамнина

Макрон: Франција е целосно посветена да се избегне нова ескалација на тензиите на Блискиот Исток

Блинкен: Ракетата што го погоди Голан била лансирана од Хезболах