Американскиот претседател Џо Бајден денеска беше домаќин на лидерите на Јапонија и Јужна Кореја во Кемп Дејвид, недалеку од Вашингтон, на историски самит што треба да доведе до зајакнување на воената соработка поради заканата од Северна Кореја и Кина.
Бајден оцени дека средбата ќе го означи почетокот на „новата ера на соработка“. Тој, исто така, им се заблагодари на јапонскиот премиер Фуми Кишида и на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол за политичката храброст што ја покажале во работата на ова зближување, и покрај болното минато и фактот што Јапонија ја колонизираше Јужна Кореја од 1910 до 1945 година.
„Ќе го паметиме овој ден како историски ден, кога поставивме цврста институционална основа и преземавме обврски за нашето трилатерално партнерство“, рече јужнокорејскиот претседател.
„Со нетрпение очекувам искрени разговори за да почне нова ера на партнерство меѓу нашите три земји“, рече јапонскиот премиер, нагласувајќи ја потребата од соочување со Северна Кореја.
На состанокот, кој исто така треба да испрати сигнал за единство, трите земји ќе воспостават програма за заеднички воени вежби во период од неколку години и ќе преземат заложба да се консултираат во кризни ситуации.
САД, Јапонија и Јужна Кореја ќе се обврзат да одржуваат таков состанок секоја година. Трите земји, исто така, ќе воспостават „итен канал за комуникација меѓу претседателите на државите и владите и другите службеници на нивните администрации“.
Тоа ќе биде еден вид „црвен телефон“ со три слушалки, во дел од светот кој живее под заканата од нуклеарната програма на Северна Кореја и стравувањата од кинеска инвазија на Тајван.
„Го направивме токму она што Кина воопшто не го сакаше“, рече американскиот амбасадор во Јапонија, Рам Емануел на тркалезната маса во средата.
Пекинг не го крие непријателството кон новиот трилатерален дијалог.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји неодамна ги предупреди Сеул и Токио: „Можете да ја обоите косата руса и да изгледате убаво колку сакате, никогаш нема да бидете Европејци или Западњаци, не можете да станете Запад. Мора да знаеме каде се нашите корени“. Тој ги повика Кина, Јужна Кореја и Јапонија на соработка.
Текстот Бајден ги угости лидерите на Јапонија и Јужна Кореја во Америка: „Кина не го сакаше ова“ е превземен од МАКФАКС.