По повод втората годишнина од нападот на Капитол од страна на поддржувачите на поранешниот претседател Доналд Трамп, американскиот претседател Џо Бајден во петок ќе ја прослави храброста и патриотизмот на оние кои застанаа да го одбранат тој центар на американската демократија, објави Белата куќа.
Настанот ќе биде ретка можност за Бајден да се осврне на смртоносните немири на поддржувачите на Трамп кои ја закочија потврдата на Конгресот за победата на демократот на изборите во 2020 година.
„ Важен акцент на неговиот говор ќе биде на признавањето на Американците кои покажаа храброст и патриотизам, се ставија себеси пред опасност во името на другите и во името на нашата демократија“, изјави портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.
Бајден, кој треба да влезе во третата година на функцијата, најави дека ќе се кандидира за реизбор во 2024 година, иако се уште не ја официјализирал таа одлука. Веќе во првиот мандат, демократот стана најстариот американски претседател во историјата, доаѓајќи на власт непосредно пред својот 78-ми роденден. Трамп, кој сè уште не го признал поразот на изборите во 2020 година, најави дека ќе се кандидира и за реизбор за две години.
Комитетот на Претставничкиот дом, кој до оваа недела беше предводен од демократите, побара од федералните истражители да го обвинат Трамп за четири кривични дела, вклучувајќи опструкција и бунт. Тоа е првпат во историјата на САД Конгресот да побара гонење на претседател за кривични дела. Трамп, кој е под две други истраги, ја отфрли истрагата како пристрасна.
При упадот на Капитол загинаа пет лица, меѓу кои и еден полицаец. Повредени беа повеќе од 140 полицајци, а штетата на самиот Капитол изнесува неколку милиони долари.