По објавените информации во јавноста во врска со куќата на лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, во скопската населба Тафталиџе, пратеникот Елми Азири застана во одбрана на претседателот на неговата партија.
На собраниската седница Азири рече дека Таравари 30 години е врвен лекар, па може да си дозволи да си купи куќа, а на опозицијата и’ порача да си гледа во својот двор.
„Подобро е да си го гледате вашиот двор вие од ВМРО-ДПМНЕ. Цела недела медиумите пишуваат за богатството на вашиот претседател и во Скопје, и во Охрид и во Црна Гора и до денес тој не демантира. Што се однесува до куќата на господинот Таравари, таа е таму на своето место, нека оди Обвинителството да провери како и за колку ја купил. 30 години човекот е врвен лекар и може да си дозволи да си купи куќа“, посочи тој.
Според него, партијата Алијанса за Албанците во целиот процес, и во 2016, и во 2017 и во 2018 година, покажала дека е сидро и гарант.
„Независно од тоа каде сме, во позиција или опозиција, ние постапивме државнички и во согласност со сите наши ветувања што ги дадовме пред граѓаните и во 2020 година и пред тоа“, посочи Азири.
Претходно, „Макфакс“ објави дека пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, му ја продал на Таравари куќата во скопско Тафталиџе по цена далеку пониска од пазарната.
Јахоски пет мандати беше градоначалник на Пласница. Неговото семејство е сопственик на „Пуцко петрол“.