Утрински Весник
Македонија

Автопатот Кичево–Охрид ќе чини 13,5 милиони евра по километар вели Николоски

Img 1370.jpeg

Конечната цена за изградба на автопатот Кичево – Охрид достигнува 13,5 милиони евра по километар, што значи дека вкупната вредност на проектот ќе се движи меѓу 760 и 770 милиони евра, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Според него, градежните работи треба да бидат завршени до крајот на годинава, а најдоцна до мај се очекува издавање на употребна дозвола. Николоски посочи дека во минатото често се случувало патишта да се пуштаат во употреба без соодветна документација.


И покрај високата цена и долгиот период на изградба од 12 години за делницата од 65 километри, Николоски тврди дека ова сè уште е „најевтиниот автопат во Македонија“. Како споредба, ги наведе проектите на коридорите 8 и 10, кои ги реализира конзорциумот Bechtel & Enka, каде цената достигнува меѓу 15,5 и 16 милиони евра по километар. Дополнително, автопатот Скопје – Блаце, кој се реализира со поддршка на Европската банка за обнова и развој, би чинел околу 21 милион евра по километар.

Министерот нагласи дека најголем предизвик останува делницата што ја изведува кинеската компанија Sinohydro. Од вкупно 57 километри, 37 се завршени, а 34 веќе се во функција, при што македонските компании „Гранит“ и „Илинден“ ги реализирале тие делови.

„Преостанатите околу 20 километри се обврска на ‘Синохидро’, каде динамиката не е на посакуваното ниво“, изјави Николоски, најавувајќи средба со раководството на компанијата за Европа.

За проектот неодамна беше потпишан и осми анекс на договорот со „Синохидро“, вреден 186 милиони евра, што дополнително ја зголеми вкупната цена на автопатот, кој со години се гради како еден од клучните инфраструктурни проекти во земјава.

Можете да прочитате

„Ѝ реков не се секирај, тука сме сите, има институции“ – потресно сведочење на Мартин Саздов за трагедијата на Ивана и Катја

ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈАТА  „ВРЕМЕ НА ПРЕКРШУВАЊА – ВРЕМЕ НА ГОЛИ ОТОК“

Николоски: Политиките на субвенционирање донесоа силен раст во авиосообраќајот