Утрински Весник
Македонија

Јавното обвинителство со реакција до Мицкоски: Никој не смее одлуките на обвинителството да ги користи за дневно-политичко поентирање

Obvinitelstvo 1.jpeg

Од Јавното обвинителство се огласија по повод изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за обвинителот Ислам Абази. Од таму велат дека никој не смее да ги користи одлуките на обвинителите за дневно-политичко поентирање. Мицкоски кажа дека обвинителот наместо да се грижи за спроведување на правдата, тој останал да биде верен слуга на една партија која била на власт долги години.

Еве ја реакцијата на Основното јавно обвинителство во целост:


„Јавните обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги отфрлаат сите информации што кружат во јавноста за наводни притисоци врз нив во врска со предметите по кои постапуваат и јавно ги осудуваат ваквите изјави што задираат во нивниот интегритет. Во досегашното работење на сите обвинители во ова обвинителство, без исклучок, во ниту еден момент ниту од Основниот јавен обвинител Ислам Абази, ниту од кој било друг не била загрозена нивната самостојност и одговорност при извршување на нивната функција.

Воедно, би сакале да напоменеме дека принципот на хиерархија и субординација, на кои се темели функционирањето на јавното обвинителство, не задира во независноста при одлучувањето на јавните обвинители кои мериторноста на своите одлуки ја црпат од прибраниот доказен материјал, па така секоја непроверена теза и сензација која ја подрива довербата во обвинителството директно го крши Уставот на РСМ.

Јавноста треба да знае дека согласно Уставот на РСМ и согласно законите никој не може да влијае врз законитото, непристрасното и објективното вршење на функцијата на обвинителството. Од тие причини не смее да се дозволи одлуките на обвинителството да се користат за дневно-политичко поентирање, особено ако се има предвид дека секоја донесена одлука влијае на нечија човечка судбина“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Можете да прочитате

„Ќе им се случи народ, а јас ќе бидам прв на улица“ – Мицкоски најави протести против членовите на Судски совет

Пуцко Петрол демантира дека бил увозник и дистрибутер на мазут за ЕСМ

Агелер: Министерот Лимани треба да одговори зошто не добил виза за САД