Утрински Весник
Македонија

Јавното обвинителство со нови мерки за откривање коруптивен имот во странство

Ojo.webp.webp

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија одржа онлајн состанок со специјализираниот аналитички центар на Европол задолжен за борба против корупцијата. Целта на состанокот беше разгледување на можностите за продлабочена соработка во предмети од оваа област, особено во следењето на финансиските текови и имот во странство.

Како резултат на состанокот и претходните согледувања од примената на Упатството за приоритетно постапување во случаи на корупција, Јавниот обвинител го дополни ова задолжително упатство. Новите измени предвидуваат подобрен механизам за прибирање информации за банкарски сметки, имот или други средства од интерес кои се лоцирани надвор од земјата. Ова ќе важи без разлика дали во коруптивните дејствија се инволвирани приватни лица, функционери или службени лица.


Согласно новите одредби, доколку постојат сомневања дека осомничените лица поседуваат финансиски средства или имот во странство, јавните обвинители се обврзани да ги испитаат овие наводи. Тие ќе можат да ги користат експертските ресурси и базите на податоци на Европол, со што ќе се олесни и забрза процесот на истражување.

Ова упатство има за цел да ги минимизира долгите постапки за меѓународна соработка, овозможувајќи побрз пристап до релевантни информации преку полициските канали на Европол, пред да се започне со формален меѓународен процес за прибирање докази. Проверките ќе се вршат преку Европскиот центар за економски и финансиски криминал (EFECC), преку неговиот Аналитички проект за борба против корупцијата.

Јавните обвинители ќе имаат јасни насоки за подготовка и испраќање на барањата, како и дефинирани рокови за постапување. Спроведените проверки ќе бидат дел од редовните извештаи што јавните обвинители ги поднесуваат, со што ќе се осигура поголема ефикасност и отчетност во борбата против корупцијата.

Можете да прочитате

Заменик министерот Флакрон Беџети си поднесе неотповиклива оставка

Боки 13 почнува со поткаст – првиот ќе биде за случајот “Рекет”

Тројца пациенти сместени на Пластика сè уште имаат отворени рани – можно е и трансплантација на кожа да им треба