Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека во текот на овој месец ќе се одржат осум јавни презентации на националната кампањата „Позитивна промена“ која има за цел подигнување на јавната свест и едукација за правилно постапување со отпадот.
„Позитивна промена“ денеска ќе почне во општина Чаир, со презентација пред претставниците на општините од Скопскиот плански регион, на кои ќе се споделат промотивните и едукативните материјали за важноста, ефектите и придобивките од добар и одржлив систем за управување со отпад кој исто така бара и зајакнување на капацитетите на единиците на локалната самоуправа во овој сегмент. Презентациите ќе се одржуваат и во општините Куманово,Тетово, Битола, Струга, Струмица, Кавадарци и Штип.
Од ресорното министерство истакнуваат дека одговорноста за правилното управување со отпад припаѓа на сите засегнати страни: Владата, општините, правните лица кои управуваат со отпадот, граѓаните, приватниот сектор и само со одговорно однесување на сите страни може да се надмине овој децениски проблем.
– За успешно функционирање на новиот систем не е доволно само да се воспостави инфраструктура и да се обезбедат садови за селекција, туку мора и да им се помогне на луѓето да ја разберат својата одговорност за отпадот и да создадат навики за подобра контрола врз управувањето со отпадот, се наведува во соопштението.
Кампањата е финасирана преку Годишната програма за финансирање на управувањето со посебни текови на отпад. Средствата со кои се финасира оваа кампања се одвоени од надоместокот кој се уплаќа од страна на трговците за граѓаните кои купуваат пластични ќеси, во вкупна висина од 13.450.000 денари.
Во рамките на кампањата ќе се реализираат и настани во осум училишта во земјата и по еден настан во секој од планските региони.