Апелациониот суд Скопје извести дека Јавната седница за предметот „Талир 2“ е презакажана за 29 септември, на барање на одбраната на обвинетите.
„Апелациониот суд Скопје ја информира јавноста дека Јавната седница за предметот заведен под број КЖ-232/23, со работен наслов „Талир 2“, се одложи на барање на одбраната на обвинетите Н.Г. и К.Б., двајцата од С., а поради ангажираност на бранителите во други кривични предмети, како што беше наведено во писмениот подесок од 26.06.2023 година“, соопштуваат од Апелација.
Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, доби затворска казна од шест години, а поранешниот генерален секретар на партијата, Кирил Божиновски, доби двегодишна условна казна за случајот „Талир 2“, кој се однесува на изградбата на партиското седиште, познато како бела палата.
Според судската пресуда, и двајцата ги искористиле службената положба и овластувањето и спротивно на законите за политичките партии и за финансирање овозможиле склучување договор за градење помеѓу партијата и правното лице АД „Бетон“.
Од јули 2012 година до јануари 2013 година како претседател, Груевски, иако знаел дека партијата е непрофитна организација, спротивно на Законот за финансирање на политичките партии, донел одлука да се најде инвеститор да изгради објект според неговите желби и барања, а Божиновски, постапувајќи по неговите насоки, за изградба на партиското седиште. Во тоа време фирмата АД „Бетон“ веќе имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, што е спротивно на повеќе закони.
Со ваквата постапка тие противправно прибавиле објект и имотна корист од над 132 милиони денари. Од тие пари, пак, подоцна е купуван недвижен имот во Македонија на име на партијата, и тоа во Берово, Кавадарци, Велес, Кисела Вода, Виница, Радовиш, Штип и други градови.