Утрински Весник
Македонија

АВМУ ќе врши мониторинг на медиумското известување во предизборниот период

Mediumi novinarstvo.jpg

По распишување на Локалните избори, закажани за 19 октомври 2025 година, започнува мониторингот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги врз радиодифузерите за начинот на известување во периодот пред започнување на изборната кампања и за почитувањето на одредбите од Изборниот законик што се применуваат со распишување на изборите. До почетокот на изборната кампања, АВМУ ќе врши секојдневен мониторинг на девет телевизиски програмски сервиси на државно ниво, со најголем просечен дневен досег до публиката, додека сите останати програмски сервиси ќе се мониторираат врз основа на претставки.

При известувањето за изборниот процес, радиодифузерите треба да ги почитуваат професионалните начела, посебно начелото за објективно, непристрасно прикажување на настаните, со еднаков третман на различните гледишта и мислења, така што ќе ѝ овозможат на публиката слободно да оформи свое мислење за одделни настани и прашања, како и да ги почитуваат посебните забрани за поттикнување омраза и нетрпеливост.


Известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за други правни лица со јавни овластувања, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект.

Јавниот радиодифузен сервис и телевизиите на државно ниво треба да обезбедат информирање за изборниот процес и за лицата со сетилна попреченост, а за содржините што ќе ги направат пристапни во текот на изборната кампања треба навреме да ја информираат Агенцијата.

Од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања не е дозволено да се емитуваат реклами финансирани од Буџетот на државата, ниту платено политичко рекламирање, освен огласи за собирање потписи за поддршка на кандидатури на група избирачи. Исто така, не е дозволено уредници, новинари, водители на програма и презентери истовремено да бидат ангажирани во програмите на радиодифузерите и во предизборни активности на учесниците во изборна кампања. При објавување на резултати од испитувања на јавното мислење треба да се објават и сите неопходни податоци за конкретното истражување утврдени во Изборниот законик.

Радиодифузерите кои ќе емитуваат платено политичко рекламирање (ППР) треба да извршат регистрација во Државната изборна комисија најдоцна до 12 август, а ценовниците да ги достават до ДИК, ДЗР, ДКСК и АВМУ, најдоцна до 14 август 2025 година.

Како и досега, Агенцијата, на својата веб страница постави банер со материјали поврзани со изборниот процес – законски и подзаконски акти, образец за претставки и сл. Банерот е достапен на македонски, албански и на англиски јазик, и континуирано ќе се ажурира во текот на изборниот процес.

Можете да прочитате

Кочани не заборава – продолжува маршот за жртвите од „Пулс“

Жално е што Црвенковски не е во политиката вели Дамјановски

ДМ ги демантира граѓаните и веста дека се ограбени на интернет ја нарече лажна вест