
Како и пред сите избори во три и пол децениската повеќепартиска демократија во државата, без разлика дали станува збор за парламентарни, локални или претседателски, Македонија и нејзините граѓани го живеат неподносливото секојдневие, пишува политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски, во најновата колумна за Локално.мк
Како иронија на судбината, само на неколку седмици пред одржување на првиот круг на локалните избори (на кој ќе се гласа меѓу другото и за советничките листи предложени од партии, коалиции од партии и група на граѓани), се случи најголемата еколошка катастрофа во и онака најзагадениот главен град во Европа, по квалитет на амбиенталиот воздух, имено хаваријата со фабриката за пластика во скопско Трубарево. Сликите кои се споделуваа на социјалните мрежи од граѓаните и медиумите и коментарите од самите граѓани се повеќе од загрижувачки и разочарувачки. Затоа и со право се поставува прашањето дали има/ме избор после триесет и петгодишна апатија на македонската политичка сцена.
Моралот и етиката мора да се вратат во политиката
За македонскиот политичар, важи правилото, речиси без исклучок дека е корумпиран, подмитлив суров манипулатор, пресметлив, промискуитетен лажливец, кој исклучиво и пред се ги гледа своите лични и фамилијарни интереси, потоа партиските (кои се испреплетени сепак со личните), а речиси никогаш не ги гледа интересите на граѓаните и општото добро на државата. Меѓу малкуте позитивни примери, кои отстапуваат од ова непишано правило, како редок исклучок е лидерката на Либерално-демократската партија Моника Зајкова. Веќе добро позната и етаблирана на македонската политичка сцена, оваа млада политичарка, докажа дека моралот и етиката, одат рака под рака во политиката во Македонија. Ниту една корупциска или сомнителна афера за лично богатење или бенефит, не само што не изглегла како индиција во јавноста, туку нема ни „кулоарски муабети во чаршијата“ за приближно такво нешто. Од друга страна, нејзината посветеност, доследност и борбеност во предложување на политики и законски решенија, се доказ дека во нашата напатена и бесперспективна државичка има зрак надеж во некоја иднина, дека токму вакви политичари и ликови ќе бидат правило и честа појава на македонскиот политички простор, за конечно првенствено и граѓаните да ја вратар довербата дека Републиката може да биде водена од чесни и квалитетни кадри, но и со самото тоа да има видлив напредок во развојот на самата држава.
ЛДП храбро се нуди како алтернатива на статус – квото
Навистина, премногу е тешко во Македонија да го разбиете партиско-политичкиот дуопол, љубоморно чуван и негуван од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во овие 35 години на плурална демократија, па затоа и моделот кој беше скроен од нив, на еден начин,, ги тераше” помалите партии, да влегуваат во предизборна коалиција со „големите“ играчи, пред се ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ, токму поради тој модел на шест изборни единици, во кој гласовите,, горат или се губат”, на сметка на големите партии. За жал, голем дел на помали политички партии, коалицирајќи од нужно зло со поголемите го изгубија својот партиски идентитет и беа перцепирани како „пајтон партии или привезок на големите“. Токму ЛДП на овие избори, настапува храбро, истапувајќи од досегашната практика, формирајќи коалицијата околу себе си, како центрифугална сила на обединување на партиите кои се надвор од,, пазар коалициите, предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ”. Истапувајќи смело, со предложени докажани и реализирани кадри на советничките листи, ЛДП и коалицијата која ја предводи, е момент на понуда и избор пред македонските граѓани. Да, навистина и таканаречените „независни кандидати за советници и градоначалници“, на многумина им изгледаат како реален избор надвор од партиското сивило, но станува збор, пред се за кадри кои,, фрлаат дрвја и камења” по противниците, без да нудат конкретни решенија. Уште пострашно, без да знаат како функционира локалната самоуправа, односно се кандидати без грам искуство во водењето и раководењето со истата. На нешто повеќе од цел еден месец до гласање за градоначалници и советници, Македонија живее во својата рутина на безнадежност, разочараност, гнев и бес, но најстрашно од се беспомошност. Сметам дека македонските граѓани, се доволно свесни и искусни, после триесет и пет години на практикување на директната демократија (преку гласање на избори), да прават разлика и да знаат за кого да гласаат. Не треба да бидеме, народски речено будали, одново и одново да гласаме за истите тие кои систематски ја уништија и упропастија оваа земја и нејзините граѓани, односно ја уништија Македонија, а со тоа и сите нас, нашите животи и нашата иднина. Конечно треба да им дадеме шанса на младите како нова политичка генерација, но чесни млади со свој став, свое јас и интегритет, кои „влегле“, во политиката за да направат нешто добро за граѓаните и државата, бескомпромисно се борат за интересите на нацијата и државата низ меѓународните институции и коридори на лоби групите, кои немаат ама никаква дамка во своето поведение на корупциска или криминална афера.