Утрински Весник
Магазин

„Јас сум одамна мртов, уште од оној ден…“: Животот на Бора Чорба го одбележаа 4 трагедии, судбината баш си поигра со една

Bora Djordjevic 3 670x447 1.jpg

Живот полн со подеми и падови, кариера достојна за светска слава и талент каков што еднаш се раѓа – сето тоа собрано во 72-те години живот на Борисав Бора Ѓорѓевиќ.

Фронтменот на „Рибља чорба“ освојуваше со зборови, ноти и насмевка. Во своите 72 години живот стекна кариера достојна за светска слава. Додека рокенролот грмеше на сцената, Бора доживеа и преживеа многу, а трагедиите оставија длабоки лузни на неговото срце.

Смрт на концерт во Загреб

Првата трагедија се случи во 1982 година, кога 14-годишното девојче Жељка Марјановиќ почина од епилептичен напад на концертот на „Рибља чорба“ во Загреб.

Овој настан длабоко ја потресе целата јавност, а Бора до крајот на животот тешко се справуваше со оваа трагедија. Судбината навистина си поиграла бидејќи тогашната турнеја на „Рибља чорба“ го носеше називот „Кој ќе преживее, ќе раскажува“. Во тоа време член на „Рибља чорба“ беше славниот Момчило Бајагиќ Бајага, кој зборуваше за овој немил настан од кој членовите на бендот на чело со Бора никогаш не закрепнаа.

Салите во кои свиреа често беа преполни, на нивните настапи доаѓаа фанови од цела поранешна Југославија, па секогаш се бараше билет повеќе. Трагичниот настан во Загреб, кога девојче среде концерт добило епилептичен напад и се задушило во толпата променил сè.

„Тоа беше страшно, такво нешто никогаш не нѝ се случило. „Рибља чорба“ беше исклучително популарна група и продаде двојно повеќе билети отколку што можеше да собере салата. По тој настан организаторите беа кривично гонети, а нашата турнеја беше прекината еден месец. Не свиревме бидејќи родителите не ги пуштаа децата да одат на нашите концерти. Меѓутоа, по смртта на девојчето многу повеќе се внимаваше на безбедноста, па ништо слично повеќе не нѝ се случи ни нам ни на било кој друг“, раскажал Бајага пред неколку години.

Биле продадени многу повеќе билети од најавените 9000, подоцна организаторот споменал бројка од 10.500, а на концертот имало помеѓу 18 и 20.000 гледачи.

„Без разлика што тоа никој не го бараше од нас, ние бевме подготвени да ја преземеме одговорноста за смртта на Жељка Марјановиќ, која тогаш само сакаше да биде дел од нашата публика, и ништо повеќе. За жал, тоа не ѝ се оствари. Поради нечија груба негрижа и голема неодговорност згасна животот на едно дете кое штотуку почнало да живее. И после толку години, не можам да заборавам ниту да се оттргнам од помислата како малата Жељка почина токму на нашиот концерт, додека ние бевме на сцена и свиревме“, напиша Миша Алексиќ во својата книга „Uživo!: Autobiografija“, легендарниот басист на „Рибља чорба“ кој почина во ноември 2020 година на 67-годишна возраст како последица на коронавирусот.

Хероин во вените

Човекот со кој Бора храбро зачекори во музичките води беше гитаристот Радислав Рајко Којиќ, со чија смрт Ѓорѓевиќ тешко се справуваше. Токму со Којиќ, Миша Алексиќ и Вицко Милатовиќ од бендот „СОС“, Бора по заминувањето од бендот „Рани Мраз“ ја основа „Рибља Чорба“.

Нивниот прв голем успех беше со песната „Lutka sa naslovne strane“, а Рајко Којиќ сними пет студиски албуми и еден албум во живо со „Рибља чорба“, до напуштање на бендот во 1984 година. Таа година, Бора свикал состанок за членовите на Чорба во една белградска кафеана и соопштил дека Рајко и Бајага, кој во меѓувреме ѝ се придружил на „Рибља Чорба“, мора да го напуштат бендот. Рајко со години имал проблем со дрогата, па Бора и останатите членови чувствувале дека повеќе не е во состојба да се избори со тоа.

Наркоманијата беше проблем од кој Рајко никогаш не успеа да се извлече. По уште неколку обиди во музиката, тој целосно се повлече и живееше многу скромно во родното село Јарковац. Смртта го дочека во престолнината во 1997 година, причината е јасна, а за Бора заминувањето на Рајко беше удар за кој не беше подготвен. Тој имаше само 41 година.

Самоубиството на првата сопруга

Животот на Бора му удри нова шлаканица во 2007 година кога Драгана, неговата љубов од средношколските денови и прва сопруга, изврши самоубиство. Драгана беше вечната инспирација на Бора и многу од песните на „Рибља чорба“ ѝ ги посветил токму неа. Сепак, тие ставија точка на бракот на 12-ти февруари 2007 година, со што сопругата на Бора не можела да се помири. Како што тогаш пишуваа медиумите, причина за разводот наводно била новата љубов на Бора, 28 години помладата Александра која ја запознал на турнеја низ Америка, а подоцна ја одведе пред олтарот.

По разводот со Драгана, Бора се иселил од нивниот заеднички стан. Драгана била на концертот „Рибја чорба“ на 10-ти март 2007 година во белградската арена, а само 13 дена подоцна била пронајдена мртва во нејзиниот стан. Причината за нејзината смрт било предозирање со антидепресиви помешани со алкохол, а Бора никогаш не сакаше да зборува за овој немил настан. Како спомен од Драгана му остана неговиот заеднички син Борис, кој никогаш јавно не се експонираше.

Никогаш прежалениот Миша Алексиќ
На 29-ти ноември 2020 година, Бора тешко ја поднесе смртта на легендарниот басист на „Рибља чорба“, Мирослав Миша Алексиќ, со кој порасна и се претвори во рок ѕвезда. Тој бил навикнат, како што зборуваше Бора, Миша секогаш да му е од левата страна и да гледа во неговото насмеано лице како што тоа го правел цели 43 години.

Бора никогаш не закрепна од оваа загуба, а во една прилика истакна дека никогаш нема да му прости што го изневерил и умрел пред него.

„Се договоривме двајцата да умреме заедно на сцената, но тој подрани, ме изневери. Верувам дека и тој би сакал да продолжиме да работиме“, изјави Ѓорѓевиќ длабоко потресен од смртта на Алексиќ.

Бора истакна дека ништо нема да биде исто без Миша.

„Мојот брат Миша беше движечката сила на бендот и не знам како без него“, зборуваше рокерот, а потоа со болка призна: „Тоа е удар од кој не се закрепнува!“.

Можете да прочитате

Светска фитнес ѕвезда во Скопје: Кевин Леврон во Cevahir Mall Skopje!

Овие два хороскопски знаци не знаат да чуваат тајни

„И кога ќе заминам, ќе најдам начин…“: Објавени стихови на песна што Бора Чорба ја напишал пред неговата смрт