
Косовската новинска агенција „Косова прес“, повикувајќи се на свои извори, објави дека поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците во Македонија, Артан Груби, кој повеќе од една година е во бегство, вчера попладне бил виден во Приштина.
Според изворот на агенцијата, Груби се преселил во област недалеку од центарот на главниот град на Косово, каде наводно живее заедно со две деца. Изворот наведува дека тој бил облечен во зимска јакна и спортска опрема, носел шапка и имал пуштена брада.
Артан Груби, кој доаѓа од редовите на ДУИ, во декември 2024 година беше ставен на т.н. „црна листа“ на Соединетите Американски Држави поради вмешаност во значителна корупција. Според американските власти, санкцијата е поврзана со примање поткуп во врска со судски процеси што се однесуваат на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
По ставањето на „црната листа“, Груби изјави дека е „чист како солза“, но дека решил да се повлече од јавниот живот за доброто на своето семејство и зачувување на личниот интегритет. Набргу потоа тој ја напушти државата, откако Обвинителството отвори истрага за проневери во „Државна лотарија“, случај во кој Груби е еден од осомничените.
Тој тврдеше дека не избегал, туку дека се наоѓа на приватна посета во Косово и дека по завршувањето на обврските ќе се врати во земјата. Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Артан Груби, како и по Перпарим Бајрами.


