
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, со жестока порака упатена до својот потенцијален противкандидат за градската фотелја – Орце Ѓорѓиевски, актуелниот градоначалник на Кисела Вода. Во објава на својот Фејсбук-профил, Арсовска го обвини Ѓорѓиевски за „задкулисни нарачки“ преку поранешна новинарка и остро му порача дека по Чаир и Висар Ганиу, ќе се сврти и кон Кисела Вода.

„Јоци по наредба на Орце Самка Ѓоргиевски пишува нарачки по социјалниве мрежи“, пишува Арсовска, алудирајќи дека нападите врз неа не се случајни туку диригирани од Ѓорѓиевски, кој, според неа, се обидува политички да профитира пред време.
Арсовска, која се наоѓа на Конгресот на Советот на Европа каде што е известувач за борба против корупција, јавно му порача на Ѓорѓиевски:
„Не брзај преку ред. Остави го Висар да се дозаплетка со криминалот и фалсификатите за дивоградбите, па ќе преминеме на Кисела Вода.“
Таа остро ги критикуваше и владејачките партии, истакнувајќи дека, доколку имала било какви истраги против неа, досега „и СДСМ и вашата Мицковистичка ВМРО ќе ме однесеа во затвор за 5 минути.“
Иако партијата сè уште официјално не објавила кој ќе биде кандидат за градоначалник на Скопје, името на Ѓорѓиевски одамна циркулира како еден од фаворитите. Тој веќе успеа да ја преземе функцијата претседател на ЗЕЛС од Арсовска по последните локални избори, што дополнително ги заостри односите меѓу нив.
Арсовска во објавата го прозива и Ѓорѓиевски за наводна неактивност и вели дека „освен ПР и сликање, ништо не сте направиле“, алудирајќи на целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
На крајот од објавата, таа објави и неколку заеднички фотографии од Ѓорѓиевски и Ганиу, додавајќи:
„Џабе ти се Орце нарачките… скопјани поради вас немаат автобуси, немаат функционални претпријатија… ама има време – ќе дознаат!“
Останува отворено прашањето дали оваа реторика е само увертира во претстојна градска политичка битка, или пак сигнал за продлабочување на веќе постоечките тензии меѓу политичките ривали во Скопје.