Утрински Весник
Македонија

Арсовска преку ревизија ќе бара одговорност за лошото менаџирање во ЈСП

Арсовска преку ревизија ќе бара одговорност за лошото менаџирање во ЈСП

Со обвинувања дека кадри што менаџирале со ЈСП краделе од претпријатието во изминатите 30 години помина прес-конференцијата на Данела Арсовска, градоначалничка на град Скопје. Потоа Арсовска го смени наративот и рече дека можеби не краделе, но не менаџирале соодветно. Во одговор на дополнително прашање зошто нема поднесено кривична пријава, Арсовска рече има ревизии и постапки, како и дека таа не е надлежна да цени, туку дали имало кражба на пари и несоодветно менаџирање ќе утврди ревизијата. Сето ова спротивно на првото тврдење дека ЈСП е загубар поради крадење на средствата, факт што го знаеше и пред да се кандидира.

dobivaj vesti na viber

Не ѝ беше јасно како од неа се бараат кривични пријави кога не е судија и обвинител, иако, според законот, може да поднесе секој што ќе увиди дека има сторен криминал.

„Ми пречи тоа што луѓе должат, лошо менаџираат и крадат и прават долгови од милиони. Како не ми пречело?“, рече Арсовска, а на прашањето каде се кривичните пријави за крадењето, таа додаде: „Град Скопје е единствена институција што има поднесено кривични пријави. Ние не сме ни судии ни обвинител. Ние како институција поднесуваме за секаде. Правиме ревизии, се доставуваат до органите. Сега во овој момент си има ревизии. Ние не сме судии и обвинители. Како тоа го барате? Како го барате тоа? Врз основа на што го барате ова? Има институции што тие злоупотреби треба да ги истражат“, изјави таа.

Прашана зошто една година откако е прв човек на Градот не поднела кривична, таа одговори:

„Некој можеби не крадел, меѓутоа, ако не менаџирал како што треба, ако го довел претпријатието за 30 години да го наполни со речиси 2.000 вработувања, а тие вработени не работат ништо што е во интерес на граѓаните и јавниот интерес, каде вие сметате дека е злоупотребата? Не сметате дека има злоупотреба? Некој што вработувал? Не ви смета тоа што за едно работно место четворица седат и земаат плата“.

Потоа Арсовска рече дека треба ревизијата да се заврши, па да даде детали за злоупотребите во ЈСП. Прашана како сега обвинува за кражби во ЈСП ако не е завршена ревизијата, одговори: „Па вие сметате дека не се оштетени граѓаните и не е украден буџет по тоа што имате 2.000 луѓе, што вам од тие 700 административни работници ви се потребни само 350? Вие не сметате дека тоа е оштетување на буџетот, што седат луѓе, земаат плата, а не работат?“

Градоначалничката додаде „не оди тоа така“ кога по обвинувањата за кражби, беше прашана зошто нема конкретна одговорност кај лица што раководеле со ЈСП.

Можете да прочитате

Детали за земјотресот кој вечерва го стресе Скопје

Лимани: До 2028 година 25 нови градинки

Вечерва почувствуван земјотрес во Македонија