Утрински Весник
Македонија

Арсовска кон Висар Ганиу: „Ќе одговараш! Те чекам на главна каса“

Danela arsovska.jpg

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во ново видео обраќање на нејзината официјална Фејсбук страница, остро го нападна градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, обвинувајќи го за сериозни нерегуларности и злоупотреби при легализација на дивоградби.

Во вклучувањето во живо од Чаир, Арсовска јавно покажа зграда за која тврди дека е изградена без соодветна дозвола на државно земјиште, а сепак добила легализација врз основа на – како што вели таа – фалсификувани документи.


Според градоначалничката, станува збор за објект од 10 ката, кој првично бил одбиен од страна на Град Скопје, но подоцна сепак е впишан во Катастар.

„Фалсификувањето документи е кривично дело. Ќе одговараш, Ганиу. Те чекам на главна каса!“, порача Арсовска во обраќањето, потенцирајќи дека ова е веќе втора зграда во Чаир која била легализирана на сличен начин.

Дополнително, Арсовска откри дека објектите биле нелегално приклучени на водоводна мрежа, а се сомнева дека се врши и кражба на електрична енергија. Таа најави дека надлежните инспекции од Град Скопје ќе продолжат со засилени контроли во овој дел од градот.

Ова не е првпат Арсовска да се судри со Ганиу. Минатата недела, на 21 мај, таа направи слична инспекција во Чаир, шетајќи низ улиците со службени лица, повикувајќи го Ганиу да одговори како и зошто се гради на диво на јавен имот.

Од Општина Чаир засега нема официјална реакција на обвинувањата.

Градската администрација најавува поднесување кривични пријави, а јавноста со интерес очекува дали истрагата ќе потврди постоење на фалсификати и дали ќе има правни последици за инволвираните.

Можете да прочитате

Јакимовски ја поддржува Арсовска: Не молчам, градат на диво, милиони испаруваат, Владата спие

Тошковски: One Stop системот имплементиран и на граничниот премин Јажинце, наскоро и на премините со Србија и Албанија

Собранието го ратификува договорот со Велика Британија вреден 6 милијарди евра