Утрински Весник
Македонија

Арсовска: Инспектор од МВР фатен со див приклучок – ја нападнал градската советничка

Screenshot 2025 07 08 095859.jpg

Во текот на вчерашниот ден, инспекциска екипа на Градот Скопје регистрирала див приклучок за вода, по што, како што тврди градоначалничката Данела Арсовска, наводниот сторител, вработен во Министерството за внатрешни работи, физички ја нападнал градската советничка Ирена Витина.

„На последниот случај, фатен како прави див приклучок, сторител беше извесен инспектор од МВР наречен Бујо, кој во бес дека се фатени сред дело, физички ја нападна советничката во Град Скопје Ирена Витина, пред очите на неговите колеги од МВР кои не реагираа на нападот, иако истиот беше пред 10 сведоци и целиот настан е снимен од почеток до крај“, изјави Арсовска.


Градоначалничката во својата изјава изрази револт што полицијата, иако присутна на лице место, не постапила. Според неа, овој случај е само еден од низата во кои инспекциските служби на Градот откриваат по 30 диви водоводни приклучоци дневно – најчесто за наводнување ниви, полнење базени и приклучоци на дивоградби.

„Истите не плаќаат ниту денар, па затоа нерационално трошат бидејќи ја добиваат водата бесплатно, а МВР не постапува“, додава Арсовска.

Градските власти апелираат до граѓаните на рационално користење на водата, потсетувајќи дека изворот Рашче, кој го снабдува Скопје со питка вода, бележи намален капацитет поради сушниот период и високите температури. Потрошувачката во јули достигнала рекордни 356.000 кубни метри дневно, што е просек од 700 литри вода дневно по глава на жител.

„Водата е природен ресурс, не се произведува во фабрика. Извира од природата. Не е до мрежата, не е до цевките – едноставно нема капацитет да извира онолку колку што дел од граѓаните трошат“, порача Арсовска.

Градот најави дека ќе продолжи со засилени контроли, а јавноста очекува реакција и од МВР по вчерашниот инцидент.

Можете да прочитате

(Фото) Нов пожар ја зафати парк-шумата во Гази Баба

Усвоена Стратегијата на Владата за соработка и развој на граѓанското општество со Акциски план 2025–2028 

Потпишан договор за колокација на информатичко-комуникациска опрема на Народната банка во податочниот центар на МВР во Прилеп