Утрински Весник
Македонија

Арсовска: Долгот кон приватниците е од недостасани обврски, ќе се плаќаат тековно, а блокадите беа од лични и политички причини

Арсовска: Долгот кон приватниците е од недостасани обврски, ќе се плаќаат тековно, а блокадите беа од лични и политички причини

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска тврди дека денес распишаниот оглас за 16 линии на кои очекува да се јават приватните превозници е ист со претходниот на кој не се јави ниту еден приватен превозник оти бараа да им се исплати заостанатиот долг од 1,5 милион евра. Арсовска, која со месеци кажуваше дека нема долг кон приватните превозници, иако и УЈП го потврди, сега тврди дека е најдено решение и за тоа и уверува дека приватниците ќе бидат исплаќани на ист начин како што им се плаќало изминатите 30 години.

dobivaj vesti na viber

„Апсолутна причина за блокадите беа дел лични, а дел политички мотиви. Не сакам да навлегувам во оние манипулации кои беа пласирани во јавноста, но таму има тековни побарувања. Вие кога имате склучено договор, за тој договор имате авансно фактурирање, тоа се недостасани обврски. За сето она кое што е тековно побарување од новиот договор и она од претходниот договор јавните превозници и ЈСП изнајдоа заеднички начин, продолжуваат понатаму и тие обврски тековно ќе си бидат исплаќани како што тоа било наназад изминатите триесетина години“, рече градоначалничката Арсовска.

Се надева дека откако ќе завршат двете недели, колку што трае огласот, ЈСП и приватниците ќе продолжат заеднички да го организираат јавниот превоз во Скопје. Градоначалничката најави дека со заеднички напори ќе се трудат да се обнови застарениот дел од возниот парк и кај приватниците, за што веќе формирале работни тимови кои ќе бараат решенија за сите предизвици.

„На наше големо задоволство, а верувам и на спротивната страна, најдовме заедничка платформа како да продолжиме понатаму. Соработката продолжува и на повеќе останати теми на кои треба да разговараме, особено имајќи предвид дека следи една голема реформа на јавниот превоз. Сакаме да се прилагодиме во целост на оние еко-стандарди што се неопходни за граѓаните да имаат не само квалитетен и брз јавен превоз туку еколошки јавен превоз кој што ќе биде во насока на тоа да имаме почиста и поздрава животна средина“, најави градоначалничката Арсовска.

Како силна победа на човечноста градоначалничката Арсовска го искоментира сегашниот став на приватниците кои се пожалија дека биле изманипулирани и поради тоа не се јавиле на претходниот оглас. На градоначалничката и кажале дека и тогаш имале желба, но сега ќе се пријават на огласот.

Приватните превозници, поради долг од 1,5 милион евра, во ноември минатата година, прво престанаа да возат и се пожалија дека поради долгот немаат пари да купат нафта за да продолжат да ги извршуваат обврските, а потоа и го блокираа градот, па поради нив и ЈСП не можеше да вози. Градоначалничката тогаш одбиваше да се сретне со претставници на приватниците оти ја навредувале и со нив не можело да се разговара, но ги прими на разговор откога избраа нови претставници за преговори.

Можете да прочитате

Уништување на македонското знаме предизвика бурни реакции во јавноста

СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје