
Пишува: Проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ
Арбен Таравари е политичар кој во изминативе години привлече значително внимание – како министер, градоначалник и партиски лидер. Од симбол на надеж и промена, се чини дека денес станува синоним за политичко лицемерие и недоследност. Дел од јавноста го перцепира како прагматичар кој вешто навигира низ политичките води, додека други сѐ погласно го нарекуваат опортунист, човек кој ја приспособува идеологијата според моменталниот личен интерес.
Од демократска перспектива, секој политичар има право на политички маневри, но кога тие преминуваат во игра без јасни принципи и граници, јавноста со право поставува прашања за вистинските мотиви. Едно е точно е дека, освен неколку професионални и човечки чекори како резултат на реакцијата на трагедијата во Кочани, досегашниот министер за здравство Таравари не остави значаен печат со реформи или системски подобрувања во здравствениот сектор. Напротив, критиките за застои во набавките, нереализирани проекти и недоволна борба со хроничните проблеми во здравството (кадровски дефицит, нефункционални болници, листи на чекање) се сѐ погласни. Дополнително на ова се појавија и други политички и етички недоследности за кои е потребни јавноста гласно да се реагира.
Кога Таравари се појави како една од водечките фигури на ВЛЕН – (политичка коалиција чија цел беше да се стави крај на доминацијата на ДУИ во албанскиот политички простор), многумина од нас поверуваа дека конечно се раѓа нешто ново, еден искрен отпор против криминализираната власт на ДУИ, против самоволието и пазарењето со судбината на граѓаните. Со јасна реторика, со тврда позиција против режимот на Ахмети, Таравари се претстави како гласот на правдата, како дел од генерацијата што нема да се продава. Но денес, гледаме сосема поинаква слика. Една горчлива вистина: Арбен Таравари го покажа своето вистинско лице. Не како реформатор, туку како уште еден политичар кој е подготвен да ја погази сопствената борба за некои други засега за пошироката јавност недоволно познати интереси.
Како може човек што ја нарекуваше ДУИ ,,партија на мафијата” да води тајни договори токму со нив? Како тоа, од предводник на фронтот за промена, денес се однесува како неформален сојузник на оние кои ги обвинуваше за криминал и непотизам?. Јавноста со право го поставува прашањето дали ветувањето за промена беше само маска за личен профит и политички калкулации?. Се работи за онаа иста партија која ја етикетираше како синоним за корупција, ја обвинуваше за злоупотреби, за запоседнати институции и токму поради тоа создаде фронт за нејзино соборување?. Денес, истиот тој човек најнапред тивко, а сега и јавно флертува со партијата која ја обвинуваше за распад на системот. Вистината е болна: Таравари ја предаде идејата на ВЛЕН уште пред да почне вистинската борба.
Овој текст не е само политичка критика, ова е повик за одговорност. Арбен Таравари им должи објаснување на сите оние кои гласаа за него, веруваа во него и очекуваа промени. Видовме и слушавме само за сплеткарења и калкулации, пазарења и лични интереси. Ова не е само морално разочарување, ова е предавство. Предавство на гласачите, на младите кои веруваа во реформи, на граѓаните кои се надеваа дека барем еден политичар ќе биде различен. Арбен Таравари повеќе не може да се крие зад изговори туку ни должи одгговори со конкретни објаснувања за начинот на стекнување на имотот, за доделувањето на тендери и за сомнителните деловни врски што упатуваат на корупција. Време е за одговорност, а не за оставка.
Спорем мое лично мислење Таравари не заслужува оставка, туку разрешување. Во сериозна држава, политичар кој го злоупотребил мандатот или пак ги изневерил гласачите не си оди, туку се разрешува и одговара. Актуелната ситуација не треба да заврши со „оставка“. Таквата лична замисла са мене и многумина е неприфатлива и претставува срамен обид да си овозможи тивко повлекување и ,,перење на образот’’. Арбен Таравари треба да биде разрешен, а не со одврзани раце да си даде оставка и да продолжи со политичките игри од сенка. Во оваа ситуација, премиерот Христијан Мицкоски има историска одговорност и шанса. Ако навистина сака да предводи влада што ќе биде симбол на промена и правичност, мора да биде јасен и решителен: во таа влада нема место за луѓе како Арбен Таравари. Политичар кој еднаш ја изневерил довербата на сопствениот народ, кој ја предал борбата против криминалот и корупцијата не смее да биде да помине со оставка, а останатите негови сопартијци на високи позиции да бидат разрешени. Граѓаните гласаа за промени, а не за рехабилитација на политички трговци.
И конечно, можеби најголемата лекција од овој случај е дека народот повеќе не треба и нема да простува лесно. Вистината секогаш излегува на површина, а таа денес вели дека Арбен Таравари не е симбол на промена, туку доказ дека некои политичари се менуваат побрзо од времето.