Утрински Весник
Свет

Арагчи: Иран ќе ја продолжи програмата за збогатување со ураниум

Iran 3.jpg

Иран планира да ја продолжи својата програма за надополнување на ураниум, рече министерот за надворешни работи, Абас Арагчи, во интервју за американската телевизија Фокс Њуз, емитувано вчера.

„Не можеме да се откажеме од збогатувањето бидејќи тоа е достигнување на нашите научници. И сега, повеќе од тоа, тоа е прашање на национална гордост“, изјави Арагчи за Фокс Њуз. „Нашето збогатување ни е многу драго“.


Израел го нападна Иран на 13 јуни, бомбардирајќи цели низ целата земја. Израелската влада како оправдување ја наведе контроверзната нуклеарна програма на Техеран и нивните сомневања дека Иран планира да произведе нуклеарна бомба.

Иран, кој го демантира ова, одговори со ракетни напади и напади со беспилотни летала врз Израел. По 12 дена војна, во текот на која САД го фрлија своето најмоќно конвенционално оружје врз клучна иранска нуклеарна локација, сега е во сила примирје.

Арагчи изјави дека иранските нуклеарни објекти биле „сериозно“ оштетени во американските напади и дека сите капацитети за збогатување засега се прекинати, пренесе ДПА.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „апсолутно“ би размислил повторно да го бомбардира Иран доколку земјата збогати ураниум на повисоко ниво. Преговорите меѓу Иран и Е3 државите – Германија, Франција и Велика Британија се планирани за в петок.

Средбата треба да се одржи во Истанбул на ниво на заменици министри за надворешни работи, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакаеи, според веб-порталот на дневниот весник „Етемад“. Техеран се надева дека санкциите наметнати на Иран ќе бидат укинати, додека САД и европските земји се стремат да го ограничат збогатувањето ураниум од страна на Иран и прогресот кон нуклеарно оружје. Техеран секогаш инсистирал дека неговата нуклеарна програма е мирољубива.

Можете да прочитате

Белгиските власти приведоа двајца израелски војници по пријава за „сериозни воени злосторства“ во Газа

Израелската армија упадна во складиштата на СЗО во Појасот Газа

Супербактериите би можеле да убијат милиони луѓе до 2050 година