Николоски ова го кажа додека говореше за резултатите на актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски и кандидат за втор мандат на функцијата шеф на државата под чија надлежност е Агенцијата за разузнавање. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во таа насока рече „Агенцијата за време на мандатот на Пендаровски се претворила во збирштина која пола ден се занимава со озборување, а пола ден со фабрикување на извештаи што ги испраќа кај ќе стигне“.
Обвинувајќи ја Агенцијата за разузнавање за кршење на законот, Николовски рече дека после 12 мај, кога и формално треба да биде инаугуриран претседателот на државата по изборите, ќе има одговорност и оти сериозно ќе се испита како била злоупотребувана Агенцијата, меѓу другото, и за прислушување на високите органи на ВМРО-ДПМНЕ.
Од Агенцијата за разузнавање вчера преку писмен демант ги отфрлија ваквите наводи на Николоски посочувајќи дека периодот кога се номинираат кандидати за претседател на државата се злоупотребува за пласирање заканувачка реторика кон институција која е под надлежност на претседателот и кон нејзините вработени.
„Во своето излагање, Николоски користи многубројни лаги и неосновани тврдења против Агенцијата со цел да нанесе штета на нејзиниот интегритет и углед. Дополнително, тоа го прави во име на номинираниот кандидат на кого му ги диригира потезите што ќе треба да ги преземе по 12 мај 2024 г.“,
се вели во демантот на АР.
Оттаму додаваат дека не е првпат јавноста да биде манипулирана на ваков начин, а по неуспешните обиди за нејзин јавен линч со изнесување и реобјавувања сензационални тврдења на лажни профили и медиуми.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на панел дискусијата пред партиската трибина за избор на Гордана Силјановска-Давкова за кандидат за претседател на државата поддржан од оваа партија / Фото: ВМРО-ДПМНЕ
Од Агенцијата за разузнавање како апсолутна невистина ги отфрлаат обвинувањата за ширење озборувања и фабрикување извештаи и додаваат дека оваа институција работи според утврдена методологија со класифицирани информации.
„Без аргументи се обвинува Агенцијата за следење на највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Во досегашниот период за ваквите паушални тврдења не беа изнесени никакви докази во јавноста ниту пред соодветни институции, вклучително Јавното обвинителство и надлежната собраниска комисија. Исто така, ја уверуваме јавноста дека претседателот Стево Пендаровски не се меша во работата на Агенцијата, ниту некогаш дал наредба за следење на политички неистомисленици. Познато е дека следење политички неистомисленици и комуникации, спроведувано до пред десетина години, доведе до политичко-безбедносна нестабилност во нашата земја, што резултира со реформа во безбедносно-разузнавачкиот сектор“,
велат од АР во демантот.
Дополнително, оттаму апелираат во предизборниот период да не се злоупотребува името на Агенцијата за разузнавање за собирање партиски поени, како и со пласирање невистини да не се доведуваат во заблуда граѓаните и да не се поткопува довербата во безбедносно-разузнавачките институции.