
Најмалку 97 лица загинаа, а повеќе од 4,4 милиони се погодени од неодамнешните поплави во источната пакистанска покраина Пенџаб, соопшти Покраинскиот орган за управување со катастрофи (PDMA).
Според податоците на PDMA, поплавите предизвикани од високите нивоа на водата во реките Рави, Сутлеџ и Ченаб оштетиле повеќе од 4.500 села низ покраината.
Властите соопштија дека речиси 2,5 милиони луѓе досега се преместени во побезбедни подрачја како дел од тековните операции за спасување и помош.
Вкупно 396 кампови за помош се поставени во погодените области, додека околу 1,9 милиони грла добиток се евакуирани.
Напорите за помош продолжуваат додека властите работат на обезбедување засолниште, храна и медицинска поддршка за раселените заедници и спречување на понатамошни загуби, јавува Танјуг.
Низ целата земја, сезонските дождови и поплавите однесоа најмалку 956 животи од крајот на јуни, според официјалната статистика.
Повеќе од 8.400 куќи беа уништени или оштетени, а повеќе од 6.500 грла добиток умреа низ целата земја.