Утрински Весник
Македонија

Апел за внимателно движење во природа, АХВ започна орална вакцинација на лисици против беснило

Image 2025 12 08 104823019.png

Агенцијата за храна и ветеринарство започна со втората овогодинешна кампања за орална вакцинација на лисиците и дивите карнивози против болеста беснило.

Кампањата во периодот до крајот на месец декември ќе се спроведува со авионско фрлање на вакцинални мамки од спортскиот аеродром во Штип, а е со финансиска поддршка од Европска здравствена и дигитална извршна агенција (HADEA).

Вредноста на поддршката од Агенцијата за период од три години за пролетната и есенската орална вакцинација изнесува околу 2,5 милиони евра.

Мамките се фрлаат на целата територија на државата, со исклучок на населените места, водените површини и планинските врвови над 2.000 метри надморска височина, при што ќе бидат фрлени околу 450 илјади вакцинални мамки. Кампањата е предвидено да заврши на крајот на месец декември, во зависност од временските услови на терен.

„Апелираме до граѓаните во наредниве денови исклучително внимателно да се движат во природа, да внимаваат во комуникацијата со животните, особено со лисиците кои се приближуваат до населените места и кои не покажуваат страв од луѓето и во никој случај да не ги допираат вакциналните мамки, кои се со кафена боја и личат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките има пластична капсула со течна вакцина која содржи атенуиран вирус на беснило и биолошки маркер – тетрациклин за утврдување на успешноста на вакцинацијата. Истите се соодветно обележани, со инструкции за начинот на постапување при допир“, велат од АХВ.

Доколку сепак се случи да дојдат во контакт со мамките, задолжително е да се измијат рацете со поголемо количество вода и сапун, а при самоповредување или рассечување со дел од капсулата на вакцината, задолжително потребно е да се побара помош од доктор по медицина.

За време на кампањата и наредните денови, се препорачува кучињата да се шетаат на поводник, за да се избегне нивен контакт со мамките. Доколку кучињата или мачките дојдат во контакт со мамката, таа не е штетна по нивното здравје. Особено внимание посебно е да се обврне од страна на ловечките кучиња и ловците во природата, особено што во овој период се врши лов на диви животни во природата.

Три недели по завршувањето, по новогодишните празници Агенцијата ќе спроведе контрола на успешноста на акцијата (поствакцинален мониторинг) преку ловните друштва согласно склучените договори преку застрелување на договорениот број лисици заради лабораториско испитување на успешноста на имунизацијата кај лисиците преку утврдување на присуство на антитела и детекција на тетрациклин во забите кај отстреланите лисици.

Македонија почна со имплементација на Програмата за орална вакцинација на лисиците против беснило во мај 2011 година кога се реализираше првата кампања. Оттогаш потврдени се 9 случаи на беснило, 8 кај диви животни (4 лисици и 4 волци) и еден кај домашна мачка во 2012 година.

Од 2012 година, кога е потврден последниот случај на беснило кај мачка во Радовишко, во земјава не се регистрирани нови случаи на болеста кај домашните животни. Овогодинешните кампањи за орална вакцинација се спроведуваат за прв пат после 3 години пауза, односно последната ваква акција е извршена во есента 2022 година.

Поради неодамнешните случаи на беснило пријавени во Романија, Унгарија, Украина и Молдавија, Агенцијата донесе одлука да се спроведе втора кампања за орална вакцинација за дивите животни, првенствено лисици.

„Оваа одлука бараше внимателно разгледување поради логистички и организациски прашања и беше донесена во согласност со договорот со HADEA. Сепак, анализата на епидемиолошката состојба покажа дека дополнителната вакцинација е од суштинско значење за заштита и на домашните и на дивите животни и за намалување на ризикот за населението. Со спроведување на втората кампања за орална вакцинација се обезбедува превентивен пристап и навремен одговор во согласност со европските препораки. Овие мерки ја зајакнуваат биолошката безбедност и го намалуваат ризикот од појавата и ширењето на беснило во регионот“, велат од АХВ.

Можете да прочитате

(Докази) СДСМ: Го следиме трагот на парите, Томовски донира во ВМРО-ДПМНЕ

Филипче: Наследството на Св. Климент Охридски нè потсетува дека истрајноста е решение за секој предизвик и патоказ кон напредок

Уште една измама со лажна сообраќајка, 82-годишна скопјанка измамена за 170.000 денари