Утрински Весник
Македонија

Апел за помош за Лидија од Битола, 24 години борба, 6 години неподвижност

Screenshot 20250605 183537 business suite.jpg

Сè започна пред 24 години. Тогаш бев во период кога треба да го градиме својот пат, да сонуваме, да сакаме, да чекориме слободно. Но, животот имаше поинакви планови – ми беше дијагностицирана мултиплекс склероза, хронично невролошко заболување кое постепено го уништува нервниот систем. Во почетокот, симптомите беа тивки – повремени замор, слабост, трнење. Но со текот на времето, болеста стануваше сè посилна, а јас – сè понемоќна. Година по година, едно по едно, телото се предаваше.

Пред 6 години, сосема ја изгубив способноста за движење и останав во инвалидска количка, целосно неподвижна. Тоа не е само физичка состојба. Тоа е постојана болка, чувство на заробеност, борба со зависноста од другите, и најмногу – борба со себе. Со психата, со тагата, со стравот. Со прашањата: „Зошто јас?“, „До кога вака?“ и „Има ли крај на оваа патека?“


Но никогаш не престанав да се борам. Се подложив на низа терапии, рехабилитации, физикални третмани… и конечно, започнав со терапија со матични клетки, која за мене стана единствена надеж. Со години се лекувам на овој начин – и покрај малите, но значајни подобрувања, болеста сè уште е силна.

Сега пред мене стои можност која може да направи драстична разлика – трансплантација на матични клетки директно во рбетниот мозок, интервенција која се користи како последен, но потенцијално најделотворен чекор во ваквите состојби. Оваа трансплантација може да ги реактивира нервните патишта, да овозможи делумен или дури и значаен повраток на моторната функција, да ја намали прогресијата на болеста. Да почувствувам што значи да станеш, да ги допреш работите, да го гушнеш некого со двете раце. Но овој третман е скап. Медицинските трошоци, транспортот, рехабилитацијата – сето тоа ги надминува моите и семејните можности. Немам друг пат – освен патот на надежта.

Секој од вас кој чита, може да стане дел од моето лекување. Од мојата втора шанса. Од мојот живот. Ова не е молба само за финансиска помош – ова е повик за солидарност, за човечност, за соочување со една тивка, но сурова болест која зема сè што може, освен мојата волја да продолжам да живеам. Верувам дека секој ден е нова можност. Верувам дека луѓето знаат да се здружат кога некој има потреба. Верувам дека и покрај сè – животот вреди да се бори за него.

Од срце ви благодарам!

Во оваа долга и тешка борба, научив дека најголемата сила не доаѓа од телото – туку од љубовта, верата и луѓето околу нас. Сакам од срце да искажам длабока благодарност на Господ, Кој ме чува и ми дава сила во секој нов ден. Дури и кога болката е тешка, кога очите не гледаат напред, мојата вера ми е патоказ – и верувам дека оваа шанса не е случајна. Верувам дека Господ ми ја отвора оваа врата – преку добри луѓе како вас. Не можам да зборувам за својата борба без да го спомнам моето семејство. Тие се мојата емоционална потпора, мојата тивка тврдина. Но над сите – сакам да ја издвојам мојата ќерка. Од самиот почеток на мојата болест, таа е мојата сенка, мојот ангел, мојата рака, моите нозе и моето срце. Секоја ноќ кога не можев да спијам – таа беше будна. Секој пат кога болката ќе ме победи – таа ме креваше. Жртвуваше се – младоста, слободата, безгрижноста – само за да бидам јас добро. Ниту еден збор не може да ја опише мојата љубов и благодарност кон неа. Не сум само мајка која сака да оздрави за себе – сакам да живеам за неа, да ја гушнам без болка, да ја погледнам без тага во очите, да и покажам дека нејзината жртва не била залудна.

Ви благодарам од дното на моето срце што сте тука. Со вашата поддршка, оваа приказна може да добие ново поглавје – она каде не завршувам во тишина, туку почнувам одново. Секој ден од мојата болест ме научи нешто. Но најмногу ме научи дека ништо не е посилно од љубовта, добрината и надежта што ни ја даваат другите.

Ве молам – бидете дел од мојата приказна. Да изградиме заедно едно чудо.

Можете да прочитате

Николоски: Судството и обвинителството целосно потфрлаат

National Geographic ја издвојува Македонија како најдобра дестинација за гастрономија на Балканот

Невреме со град и силен дожд го зафати попладнево Дојран