Утрински Весник
Македонија

Апасиев: Коцевски го изгуби легитимитетот – изгласана интерпелацијата поднесена од Левица

Apasiev.jpg

Соопштение на Левица:

На денешната седница на Собранието се расправаше по поднесената Интерпелација од страна на пратеничката група на Левица за Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски којшто не дојде на седницата и избра само писмено да се произнесе по истата.
Собранието ги прифати наводите во Интерпелацијата, ги оцени како основани и се донесе таков заклучок којшто ќе биде доставен и до Владата.


Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, како подносител на Интерпелацијата својот говор го започна со, како што истакна тој, грешните премиси кои Коцевски ги навел во неговото произнесување:  „Прво, јавниот обвинител себеси се перцепира дека е дел од третата власт. Тоа е грешна премиса, затоа што јавниот обвинител е само странка во постапката и јавниот обвинител е дел од извршната, а не од судската власт. Поради ваквата самоперцепција дека тие се дел од правосудниот систем, се чувствуваат и недопирливи. Втората премиса, тој вели во одговорот дека Законот не предвидувал политичка одговорност на јавното обвинителство, што е флагрантна грешка. Зошто? Затоа што членот 27 од Законот за јавно обвинителство ќе го цитирам, вели: „Јавниот обвинител на Република Македонија е одговорен за општата состојба во врска со организирање и извршување на функциите на Обвинителството и за својата работа и за работата на обвинителството одговара пред Собранието на Република Македонија”.Овој господин ги помешал лончињата и вели дека нема политичка одговорност.” – потенцираше Апасиев.

„Според една филозофско-правна школа наречена правен реализам, не постои обвинителство, не постои ни суд, постојат само згради. Луѓето, односно кадарот кој е внатре, судиите, обвинителите ги прават овие институции. Оттука, гледаме дека овие институции имаат многу ниско ниво на административен капацитет и перформанси за работа, односно им фалат над 100 обвинители. На два милиони жители, нас ни требаат околу 300 обвинители. Ние во моментов имаме под 170 обвинители. Тие луѓе, заедно со стаферите, немаат дури ни тонери да си ја завршат работата и очекуваме некакви резултати од нив. За својата работа или неработа во овој случај е одговорен директно јавниот обвинител Љупчо Коцевски.” – образложи пратеникот.

„Одиме на третата премиса на која што се повикува во одговорот јавниот обвинител, а тоа е на некаков си извештај од Европската Комисија за владеење на правото, каде што тие велеле дека обвинителството добро си ја работи работата. Но, и ова е лага, или ние правниците, како што викаме, неточно утврдена фактичка состојба. Ние бележиме пад од 12 места на индексот на корупција, согласно Транспаренси Интернешнл и, еве го извештајот, ајде да видиме што не кажал во одговорот обвинителот: „Евиденцијата во борбата против корупција се влошува. Сè уште постојат загрижувачки шеми”, шеми, пазете, „во врска со зголемениот број одложени судски постапки и пораст на поништени судски пресуди за корупција и организиран криминал. Најчеста причина за одложување е отсуство на обвинетите, бранителите или јавните обвинители од рочиштата за судските постапки. Судиите и обвинителите мора проактивно и ефикасно да управуваат со нивните предмети за да осигураат навремена правда”. На следната страна од овој извештај обвинителот не го цитирал следното: „Буџетот и персоналот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и понатаму се недоволни за ефикасно решавање на предметите на корупција. Нема финансиски експерти, нема аналитичари и сè уште нема стратешко планирање за постапување по истрагите и предметите” и понатаму вели: „Во јавното обвинителство се формираа четири истражни центри за поддршка на истрагите во сложени предмети. Сите центри се оперативни, но немаат доволно човечки, ниту финансиски ресурси со соодветен пристап до потребни бази на податоци, курсеви за професионална обука, ниту потребна опрема”. Оттука, самата Европска Комисија покажува дека се флагрантно лоши условите во јавното обвинителство.” – заклучи Апасиев.

„Сега преминувам на наводите од нашата интерпелација. Првата точка по која му замеруваме е за масовната несреќа или трагедијата од европски и светски размери во Кочани. Го обвинуваме за селективна истрага. Зошто? Затоа што чекаше три месеци за да покрене обвинение против актуелни ВМРО-ски функционери. Односно, индикативно е тоа што ден после поднесувањето на нашата кривична пријава против премиерот Мицкоски за попречување на правдата, веднаш се отворија истраги против актуелни припадници, началници, инспектори од МВР.” – кажа пратникот од Левица посочувајќи ги имињата на сите што иако требало, не биле опфатени веднаш во истрагата.

„Баш ден пред кобната ноќ, дел од овие коишто ги споменав, еве, нема да кажам кои, славеле роденден на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мицески, во хотелот „Оаза” во Штип. Исто така, има индиции кои стигнаа од свиркачи од нас дека се компромитирани доказите, затоа што некои од оние на коишто им е забрането да пристапуваат до нивните работни места, дошле во ПС Штип и со мобилен телефон ги сликале документите.” – откри Апасиев.

„Следно што му замеруваме е утнатата правна квалификација. Имаме нов изум во кривичното право кој ние правниците тешко дека ќе го одгатнеме, а тоа е “верижна линија на одговорност” или долгорочен каузалитет, каде што имате чопоротивно обвинување за исто дело на четириесетина луѓе коишто се теретат како соизвршители. Да биде појасно за јавноста, тоа значи дека сите се теретат за смртните последици коишто настанаа. Еве мене како правник, објаснете ми како може министер кој земал мито или службеник кој земал мито, да е одговорен за смртната последица настаната после 12 години? Тоа е невозможно или ѓаволски тешко правно да го докажете. И ова мене ми наликува многу на случајот „Змијско око”, којшто во времето на Груевски се водеше две децении и на крај заврши со ослободителни пресуди и нашата држава им плаќаше на адвокатите на обвинетите” – посочи тој.

„Втората точка од интерпелацијата се политичките влијанија врз Јавното обвинителство од страна на власта, како од претходната, така и од оваа власт. Ние тврдиме дека постои политички дил со премиерот, на којшто му поднесовме пријава за попречување на правдата или народски, „алаш-вериш” – јас ќе ти ја сопрам тебе постапката за разрешување, која ја иницираше Министерот за правда и Владата, а ти мене нема да ми ги гониш овие пајташи коишто ми работат во Источна Македонија и преку кои што одат сите црни рекет шеми, дилање дроги на млади и слично. И магично снема кворум во Советот на јавни обвинители, баш дента кога требаше да се одлучува за одговорноста на овој човек, што покажува дека постои нечесен компромис со власта. Преку ноќ, одеднаш овој човек од неподобен стана подобен и му се даде шанса да ја упропасти една од најголемите истраги со која што се соочила Македонија” – кажа пратеникот Апасиев.

„Постојат двојни стандарди на власта и опозицијата при заканувачите по живот кои ние ги пријавуваме. Верувам и вие како политичари имате вжештени глави коишто ги пријавувате, но да видиме како постапува Обвинителството. Кога пријавува, на пример, градоначалничка на главен град, бивш командант на УЧК како ѝ се заканува за по пет дена и да ја истепа, нема никаква реакција. Кога пријавува лидер на опозициона партија дека му се закануваат радикални структури, велат „треба да трпите критика, вие сте јавни личности”. Но, кога. на пример. Митко Јанчев од Кавадарци ќе пријави пцовка, веднаш се апсат, се носат во полиција, се носат во Обвинителство, па мерки притвор, па дрн-дрн јариња, па цели процедури и слично. Кога ние пријавуваме, обвинителството никого не вика на распит, ги држи пријавите во фиоки или ако не ги држи, прави правна анализа само, значи цитира членови од закони без никого од пријавените да викне на распит. Што значи дека има тотална дисфункционалност на стручните колегиуми во обвинителствата, кои не ја воедначуваат праксата по која што постапуваат.” – образложи лидерот на Левица.

„Третата точка е непостапување за дивоградбите во Чаир по службена должност. Урбаната мафија на Висар Ганиу од Влен, претходно од ДУИ, е невидлива за Обвинителството. Допрен глас нема за него. 250 згради никнаа со фалс документи. И сето ова е невидливо за обвинителството, кое досега, пазете, само две истраги има отворено за овие 250 згради.” – ја посочи третата причина наведена во Интерпелацијата.

„И последното е функционалниот хаос кој што владее особено во Вишото јавно обвинителство во Скопје, таа токсична, антиколегијална атмосфера на клановска поделеност, каде што од една страна ги имате ВМРО-вските и ДУИ-џиски обвинители, тоа се Мустафа Хајрулахи којшто е пред разрешување и Јове Цветановски којшто во куларите се прокламира како иден наследник на Коцевски, и којшто, на пример, ја повлече жалбата за случајот тортура против Мијалков. Значи имате, еве, четири предмети одвоив, тешки милиони евра. Само еден предмет, тоа е Поштенска банка, е тежок осум милиони евра за перење пари. И,  што се случува?Овие ВМРО-вски обвинители, во Вишото обвинителство ги повлекуваат жалбите со цел предметите да паднат за потоа да си ги делат овие осум милиони евра коишто се испрани. Има еден член којшто јас ќе го потсетам обвинителот и не знам од кои причини не го користи, а тоа е членот 29 од Законот за јавно обвинителство кој вели дека Јавниот обвинител на Република Македонија може да го преземе кривичното гонење и вршењето на одделни работи за кои е надлежен виш јавен обвинител или основен или да ги овласти да водат постапка по одредени предмети или да вршат одредени работи. Па се поставува прашањето, кога сте го откриле овој кртов Јове во обвинителство дека шурува со ВМРО, зошто, побогу, не сте му ги одзеле предметите и вие во негово име да поднесете жалба или да го поништите тој правен акт со којшто тој ја повлекол жалбата?! Што значи дека е соучесник и неприменувач на овој член кој му дава многу високи овластувања.” – потенцираше Апасиев.

„Исто така не е отворена дисциплинска постапка и за обвинителките коишто упорно пред цела јавност го обвинуваа таткото на Вања, овој невин човек, дека учествувал во убиството на својата ќерка.” – потсети тој.

„Оттука јавно повикувам, ние како пратеници пред кои овој човек одговара, да ја поддржиме оваа интерпелација и да ги донесеме следните заклучоци: Прво, Собранието констатира дека наводите во Интерпелацијата се основани. Второ, Собранието утврдува дека Љупчо Коцевски, како јавен обвинител избран од страна на Собранието, имал значителен придонес во загрозување на објективноста, професионалноста и угледот на Обвинителството и придонел за падот на довербата на граѓаните кон оваа институција. Трето, Собранието обзнанува дека јавниот обвинител Коцевски, грубо ја занемарил и несоодветно ја извршил својата јавна функција за која е именуван, постапувајќи нестручно, несовесно, непрофесионално и неодговорно и затоа го губи легитимитетот и довербата понатаму да ја раководи оваа важна институција. Овој заклучок да се достави до Владата на Република Македонија и до нејзиниот актуелен претседател Христијан Мицковски заради понатамошно постапување и продолжување на прекинатата постапка за разрешување на актуелниот јавен обвинител Љупчо Коцевски” – предложи Апасиев како подносител на Интерпелацијата.

Можете да прочитате

Вработени во Министерството за економија си носат вентилатори од дома, климата не е во функција

Уставниот судија Осман Кадриу смета дека кандидатите за Стразбур ги исполнуваат условите

МВР: Не е точно дека полицаец нема да биде избркан од работа ако е осуден