
„Српското сценарио се потврдува во Македонија и преку зделките со Алта Банка,“ , предупреди Александар Саша Димитријевиќ, член на ЦО СДСМ, посочувајќи дека преземањето на „Стопанска Банка АД Битола“ од страна на српската Алта Банка е реализирано веднаш по доаѓањето на власт на ДПМНЕ.
Тој истакна дека „Банкарот на Вучиќ стана банкар и на Мицкоски“, што, укажува на сериозно политичко-финансиско влијание.
Димитријевиќ детално објасни дека сопственикот на Алта Банка, Давор Мацура, во Србија стекнал огромни државни бизниси иако до вчера бил сопственик на мала менувачница, наведувајќи дека токму тој модел на сомнителни зделки е препознатлив за власта на СНС и Александар Вучиќ.
Тој потсети дека Европската централна банка му го суспендирала правото да купи удел во Адико банка поради сомнеж за потеклото на капиталот, како и дека постои долга истрага за Alta Pay поради сомнежи за перење пари.
„Ова значи легален влез на сомнителни финансиски текови во Македонија и отворање врата за можно перење пари. Еве го српското сценарио на кое предупредуваме!“, потенцираше Димитријевиќ.
Тој оцени дека ова преземање е нераскинливо поврзано со финансиско-политичката мрежа на владејачките структури со Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, со што се создава ризик за трансфер на сомнителен капитал и влијанија од Србија во Македонија.
„Бараме Финансиското разузнавање и Финансиската полиција да отворат истрага за ова крајно сомнително преземање. Македонија не смее да стане финансиска платформа за туѓи политички агенди, порача Димитријевиќ.

