Утрински Весник
Македонија

Антикорупциска отвори предмет за тендерите во Министерството за дигитална трансформација

Dksk Cover 720x340 1.png

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) отвори предмет по сопствена иницијатива за случајот со тендерите во Министерството за дигитална трансформација и ќе утврдува дали има судир на интереси.

„По објавите во медиумите, Антикорупциската комисија оформи предмет и ќе постапува за да се утврди дали има судир на интереси“, изјавија кусо од ДКСК за МИА.


Опозициската СДСМ во понеделникот обвини за конфликт на интереси, непотизам и сомнение за корупција во Министерството, откако фирма во сопственост на сопругот на државната секретарка добила две јавни набавки во вредност од 50.000 евра. Вчера од СДСМ ја повикаа Антикорупциска комисија итно да постапи по случајот.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ги отфрли овие обвинувања, тврдејќи дека Министерството работи транспарентно и законито.

„Државниот секретар не учествува во ниту една постапка за јавна набавка, во ниту една фаза. Нејзиниот ангажман е во административно-буџетско работење, па затоа не постои простор за судир на интереси или влијание врз постапката“, изјави Андоновски.

Тој додаде дека јавната набавка е реализирана по цена за 40% пониска од првично планираната сума и дека со тоа биле заштедени околу еден милион денари (16.000 евра) од буџетот.

„СДСМ погрешно тврди дека договорот е на сума од 2,5 милиони денари. Постигнатата цена е 1.531.927 денари, што е значително помалку. Производите се навремено и квалитетно испорачани, а направени се заштеди од 10 до 45 проценти по производ во однос на пазарните цени“, рече министерот.

ДКСК најави дека ќе ги анализира сите околности во случајот и во наредниот период ќе соопшти дали постои основ за понатамошни постапки.

Можете да прочитате

ДПМНЕ застана на браникот против работниците кои бараат достоинствен приход, велат од СДСМ

Мицкоски: Шокиран сум како се однесувал прв човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата на МВР и БЈБ

СДСМ: ДПМНЕ да одговори кој од Белата палата се јави за да има куќен притвор за Асмир Пуцко Петрол?