Утрински Весник
Македонија

Јани Бојаџи за „Утре наутро“: Филмот е инспириран од фаталниот 27 април 2017 година и се занимава со прашањето што после тоа

20251021134751 big 730x400 77.webp.webp
Dik 300x250 mk

Најновиот филм на режисерот Јани Бојаџи насловен „Утре наутро“ премиерно ќе биде прикажан на 19 ноември во киното Синеплекс во Скопје, а од 20 ноември ќе започне неговата дистрибуција низ кината во земјата. На денешната прес-конференција, на која беше промовиран трејлерот за филмот, режисерот Бојаџи истакна дека тој ги прикажува последиците со кои се соочуваат две семејства – македонско и ромско 18 месеци по настаните во Собранието од 27 април 2017 година, и е слика за тоа како одредени одлуки на високи општествени кругови влијаат врз нашиот живот. За првпат во овој филм, како што беше истакнато, ромите се прикажани како моќни и образовани луѓе. 

– „Утре наутро“ е политичка драма во која ги опсервирам луѓето кои ги носат одлуките со чии последици се соочуваме ние. Мене живо ме интересира кои се луѓето кои ги носат одлуките со кои ние се носиме, оној висок општествен круг луѓе. Ова е приказна инспирирана од вистински настани кои се случиле меѓу 2014 и 2017 година. Плотот на приказната е фаталниот 27 април 2017 година и се занимава со прашањето што после тоа. Зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците на одлуките кои ги носат т.н. глави на семејствата-татковците, мажи на извесна возраст од сите нации и религии во Македонија, неподготвени да се соочат со фактот дека последиците од одлуките кои тие ги носат најчесто ги сносат нивните семејства и сите други семејства, рече на прес – конференцијата Бојаџи, кој е и сценарист на филмот.


„Утре наутро“, додаде тој, е посветен на сите оние жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени.

-Имав бескрајна среќа да имам во филмот актери со огромно човечко присуство. Ме интересира не само да се добри актери, туку и а се добри луѓе. Работевме 75 дена и навистина беше исклучително задоволство да се биде заедно, рече Бојаџи и додаде дека преку 75 актери има во филмот.

Извршниот продуцент Дејан Милошевски објасни дека почнале да снимаат серија и кога ја завршиле серијата сфатиле дека имаат филм.

-Освен филмот ќе има и серија со пет епизоди по 55 минути. Премиерата на филмот ќе се одржи на 19 ноември во Синеплекс, а од 20 ноември ќе почне целосна дистрибуција низ Македонија, рече Милошевски и додаде дека во моментот имаат еден фестивал на кој ќе биде прикажан филмот.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Нина Деан, Васил Зафирчев, Ирена Илиевска, Кети Дончевска Илиќ и Бајрам Северџан, а во него се појавуваат и многу други македонски актери.

Актерката Нина Деан, која толкува една од главните улоги во филмот и рече дека си посакала да има голем лик и и се остварила желбата.

-Задоволна сум од целото искуство. Кога го градев ликот тргнав од аспект на жена и што се и се случува неа, без разлика која е, чија сопруга е. Имавме одлична соработка со колегите и се надевам дека сите ќе го видите филмот онака како што го правевме, рече Деан.

Ирена Илиевска, ја игра Аида, а улогата и била предизвик и поради тоа што за неа учела да зборува ромски јазик.

-Ја играм Аида Мерџановска, Ромка по националност, докторка и за потребите на ликот учев ромски јазик, долго време се подготвував. Се плашев бидејќи не го познавав јазикот и денес од оваа дистанца гледам дека тоа беше најмал предизвик. Аида се бори со цел систем и тоа беше најголемиот предизвик-да ја научам како се игра кога антагонистот Ви е целиот систем, рече Илиевска и ги покани сите на премиерата на филмот.

Во филмот се зборува на македонски, ромски и малку на англиски јазик. Актерите учеле ромски, имале наставници и актерките мошне добро го совладале јазикот што воопшто не се правела разлика кога го говореле текстот на снимањето.

Актерката Кети Дончевска Илиќ ја толкува улогата на сопруга на Бајрам Северџан, а Аида и е ќерка.

-Јас цел живот играм на македонски јазик и навистина беше голем предизвик за мене да глумам на ромски. Кога ги учев репликите после пробите во неколку наврати сакав да се откажам. За актер кому му е природно да глуми на свој мајчин јазик навистина беше сериозен предизвик, но истовремено беше убав предизвик. И драго ми е што не се откажав, особено што поминав прекрасен процес, запознав прекрасни луѓе со кои досега не сум работела и мислам дека завршивме одлична работа, рече Дончевска Илиќ и потенцираше дека особено и е драго што женските ликови во филмот се особено силни и доминантни, сигурни во себе, знаат што сакаат и не се откажуваат.

Васил Зафирчев рече дека е навистина среќен поради филмот, бидејќи како што рече, толку малку се снима што бескрајно се радува на секој нов обид кој резултира со реализација на нов проект.

-По тв серијата „Бистра вода“ ова ми е втора соработка со Јани Бојаџи, но овој пат со малку поинаков предизвик. Не само што за прв пат се сретнавме со убавината на ромскиот јазик и што требаше да изградиме ликови кои носат некаков поинаков сензибилитет што е многу автентичен како што е ромската заедница, ромската култура, традиција, начин на размислување, дејствување…Предизвикот беше дотолку поголем што толкувам лик кој се вика Рустем и кој станува некаква референтна точка на оваа парадигма која е земена за наслов на филмот. Односно некаква светла точка за тоа дека навистина е можно утре да биде подобро, рече актерот.

Ликот што го толкува, вели, успева да изгради успешна кариера во Италија и се обидува сите позитивни искуства да ги пренесе во Македонија, каде формира мала задруга за производство на органско овошје и зеленчук.

Бајрам Северџан, кој толкува еден од главните ликови во филмот рече дека Ромите во филмот се прикажани како истакнати членови на општеството, образовани и се избегнува стереотипот на бедата и сиромаштијата.

-Токму тоа ми беше голем поттик и задоволство за да го толкувам ликот во овој филм. Сакам да истакнам и дека многу сум среќен што колегите навистина го совладаа ромскиот јазик, бидејќи бев скептичен кога го читав сценариото. Што се однесува до сценариото, исто така, сум многу задоволен со сите измени кои се направија за правдината да излезе на крај на еден многу елегантен начин, рече Северџан.

Македонскиот долгометражен филм „Утре наутро“ е работен по сценарио и режија на Јани Бојаџи, продукции: Синемон медија фактори, Релолушн продакшн во соработка со Алфа Национална телевизија.

Можете да прочитате

Николоски од Лондон: Со Велика Британија сериозно сме посветени на реализација на Договорот Влада со Влада кој носи големи економски и политички придобивки

Расчистено намерно опожарување автомобил во Скопје, постапка против едно лице

Божиновска: Нема да останеме без гас, ќе има решение на ниво на Европската унија