Утрински Весник
Економија

Ангеловска-Бежоска на Универзитетот Ворвик: Преку реформи кај човечкиот капитал, инвестициите и институциите, до побрза конвергенција кон ЕУ

Wes 1.jpg

Гувернерката Ангеловска Бежоска учествуваше на панел-дискусија на дваесет и второто издание на престижниот Mеѓународен економски самит Ворвик 2024, којшто се одржува на истоимениот универзитет во Обединетото Кралство. На панел-дискусијата на тема „Навигација на монетарната политика: Гледишта од централните банки ширум светот”, покрај гувернерката, учествуваше и гувернерот на централната банка на Хрватска, Борис Вујчиќ, гувернерот на централната банка на Маурициус, Харвеш Кумар Сеголам, поранешната гувернерка на централната банка на Малезија, Нор Шамсија Мод Јунус, како и поранешниот член на Комитетот за монетарна политика на Банката на Англија и истакнат професор Чарлс Гудхарт, а со панел-дискусијата претседаваше шефот на Канцеларијата на „Фајненшел тајмс” во Франкфурт, Мартин Арнолд. Гувернерката се сретна и со студенти од Универзитетот Ворвик во рамките на настанот „Средби на студенти со лидери”.

„Забрзувањето на конвергенцијата ќе зависи од структурните реформи поврзани со човечкиот капитал, инвестициите и институциите, но и од технолошките, климатските и од геополитичките состојби”, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, говорејќи на панел-дискусијата. Конвергенцијата на македонската економија во последните неколку години заостанува, поради повеќе фактори, на нивото од 40% од доходот во Европската Унија (ЕУ), што е слично со другите економии на Западен Балкан. Под претпоставка дека македонската економија ќе расте со просечна стапка на раст на БДП од 5%, а економијата на ЕУ со стапка од 3%, ќе ни бидат потребни 40 години за да го достигнеме нивото на приходите на ЕУ.

Неколкуте кризи коишто се случија изминатите години неповолно се одразија врз растот и конверегенцијата. „Во согласност со анализите направени во Народната банка за периодот 2020 −2024 година се проценува дека растот на македонската економија е помал за околу 10 процентни поени (п.п.), во споредба со проекциите пред пандемијата, додека конвергенцијата којашто би се остварила во отсуство на кризи би била повисока за околу 5 п.п. од сегашната”, посочи гувернерката. Таа истакна дека сепак, бавната конвергенција не може да се објасни само со неодамнешните шокови, бидејќи забавување има уште пред пандемијата. Тоа се должи на циклични и на структурни фактори, имајќи предвид дека потенцијалот за раст на регионот во последните две децении е преполовен од околу 5% на 2,5%, додека на земјава од 3,1% на 2,3%, во споредба со ЕУ каде што е од 2,9% до 1,8%.

Ангеловска-Бежоска наведува дека забавувањето на потенцијалниот и реалниот раст во регионот се должи на забавувањето на вкупната продуктивност на факторите на производство, односно помал раст заснован на технологија и иновации (околу половина од просекот на ЕУ), но и на факторот труд, каде што неповолните демографски движења и миграцијата доведоа до намалување на работоспособното население (65%, во споредба со 70% во 2010 година). Гувернерката го подвлече и значењето на факторот капитал и упати дека и покрај тоа што се забележува забрзан раст на инвестициите, сепак тие сѐ уште се ниски. Натамошната динамика на конвергенцијата ќе зависи од интензитетот на структурните реформи, но и од надворешното окружување, а особено од ризикот на геоекономска фрагментација.

Можете да прочитате

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен

Стојаноски: СДС единствено што остави на државата е долг на идни поколенија

Ангеловска-Бежоска во колумна за „Топ 100 извозници”: Извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст