Утрински Весник
Економија

Ангеловска-Бежоска на Европскиот форум во Австрија: Конзистентни монетарни и макропрудентни мерки за одржување на ценовната и финансиската стабилност

Ангеловска-Бежоска на Европскиот форум во Австрија: Конзистентни монетарни и макропрудентни мерки за одржување на ценовната и финансиската стабилност

Гувернерката Ангеловска-Бежоска, заедно со гувернерите на Австрија, Германија и Данска, учествуваше на панел-дискусијата „Влијанието на затегнувањето на монетарната политика врз финансиската стабилност“ на Европскиот форум „Смела Европа 2023“ којшто се одржа во Австрија. Во време на подолготрајни инфлациски притисоци, неспорно е дека клучен приоритет на централните банки мора да биде стабилизирањето на инфлацијата, за што е потребна затегната монетарна поставеност. За затегнувањето на монетарната политика да не создава ризици за финансиската стабилност, од клучно значење е да се преземат макро и микропрудентни мерки за одржување и натамошно јакнење на стабилноста на банкарскиот систем. Со преземање мерки на претпазливост, пред да започне монетарното затегнување или во текот на затегнувањето, се јакне капиталниот и ликвидносниот капацитет на банките и се обезбедува поголем простор за централните банки во борбата со инфлацијата, известуваат од Народна банка.

dobivaj vesti na viber

Во својата дискусија, гувернерката Ангеловска-Бежоска наведе дека историски гледано, глобалната монетарна поставеност претставува најсинхронизираното и најсилно затегнување на монетарната политика во изминатите пет децении, со цел да се закотват инфлациските очекувања и да се намали стапката на инфлацијата. Но, повисоките каматни стапки може да го зголемат кредитниот ризик и да предизвикаат раст на нефункционалните кредити. Засега тоа не се случува, со оглед на тоа што во Европа и во регионот на ЦЈЕ тие се одржуваат на нивото под 4%, коешто е значително пониско ниво во споредба со претпандемичниот период. Кај нас нефункционалните кредити се уште пониски ‒ 2,8%.

Исто така, како резултат на глобалната регулативна реформа, којашто беше направена и од наша страна, преку повеќето мерки што ги презеде Народната банка, значително се зајакнати капиталниот и ликвидносниот капацитет на банкарскиот систем за ублажување на евентуалните ризици. Адекватноста на капиталот е највисока во последната деценија. Минатата година за првпат беше воведен контрацикличен заштитен слој на капиталот, а оваа година за првпат и макропрудентни мерки насочени кон квалитетот на побарувачката на кредити. Сепак, гувернерката посочи дека особено е важно да се продолжи со натамошно јакнење на макропрудентната и микропрудентната рамка, како и зајакнување на соработката со надлежните европски институции бидејќи во регионот најголемиот дел од активата на банкарскиот систем е во сопственост на банкарски групи од Европската Унија. Оттука, овозможувањето поголема вклученост во супервизорските колеџи и колеџите за решавање банки, коишто ги организираат европските институции, би било од големо значење во размената на информации и преземањето конзистентни и координирани активности.

На крајот на настанот, гувернерката оствари средба и имаше продуктивна дискусија за предизвиците на нашата економија со стипендистите од нашата држава кои присуствуваа на Форумот.

Европскиот форум во Алпбах, Австрија, којшто започна да се одржува во 1949 година е простор за обединување на младите луѓе од Европа и од целиот свет со најиновативните умови од политиката, бизнисот, граѓанското општество, културата и науката за да поттикнат идеи за силна и демократска Европа. Со оваа разновидна, меѓугенерациска и интердисциплинарна заедница, Форумот влијае на клучните учесници низ европскиот континент за да го олесни нивното учење и одлуки, се додава во соопштението на Народна банка.

Можете да прочитате

Државата објави нова граѓанска обврзница но со намалена камата од претходно

Мицкоски: Се водиме да нема големи пореметувања на стандардот на граѓаните, ќе продолжиме со субвенционирањето на струјата за домаќинствата

Продуктоводот за нафтени деривати се очекува да биде ставен во функција оваа година, најави Мицкоски