Утрински Весник
Економија

Ангеловска-Бежоска на Банкарскиот самит во Белград: Банкарскиот систем важен фактор за побрза конвергенција кон ЕУ

222 2.jpg

Банкарските системи во регионот успешно се справија со кризата, а нивната отпорност дополнително беше зајакната, обезбедувајќи им финансиска поддршка на економиите. Во однос на македонскиот банкарски систем, и покрај кризите адекватноста на капиталот беше зајакната, нефункционалните кредити се намалија на историски ниски нивоа, ликвидноста и натаму е солидна и стабилна, а кредитирањето е на солидно ниво. Ова покажува главно дека банкарскиот систем има капацитет да обезбеди поддршка за економскиот раст, особено за инвестициите. Сепак, пристапот до финансии треба уште да се подобрува, а нивото на кредитната активност треба и натаму да се зголемува. Во регионот на Западен Балкан учеството на кредитите во БДП е во распон од 45 до 55% од БДП, а во ЕУ над 80% од БДП. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата на гувернерите којашто се одржа во рамките на Банкарскиот самит, организиран од Здружението на банки на Србија во Белград. На панел-дискусијата покрај гувернерката учествуваа и нејзините колеги од регионот, гувернерката на Србија Јоргованка Табаковиќ, гувернерот на Хрватска, Борис Вујчиќ, како и вицегувернерот на Црна Гора, Никола Фабрис и вицегувернерот на Босна и Херцеговина, Марко Видаковиќ.

На панел-дискусијата беше посочено дека и покрај последователните кризи, и натаму има конвергенција на земјите од регионот кон ЕУ, но побавна. Гувернерката Ангеловска-Бежоска укажа на значителните економски загуби од кризите коишто се случија изминатите години, при што симулациите покажуваат дека доколку не се случеа, конвергенцијата би била повисока за 5 процентни поени, додека нивото на бруто домашниот производ би било повисоко за 8% на крајот на 2024 година. Притоа, доколку македонската економија и натаму расте со просечната историска стапка на БДП по глава на жител, ќе бидат потребни 40 години за да се достигне нивото на доход на ЕУ, што само укажува на важноста од што побрзо надминување на постојните структурни пречки за економскиот раст, за што ќе биде неопходно и соодветно финансирање.

Оттука, несомнено еден од факторите за забрзување на конвергенцијата, покрај продуктивноста и работната сила, е и пристапот до финансии. На панел-дискусијата, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека според анкетата на ОЕЦД за напредокот во конвергенцијата, пристапот до финансии сѐ уште е предизвик за регионот, особено пристапот до алтернативни извори за финансирање. Индексот на ММФ којшто го мери не само квантитетот, туку и софистицираноста на финансиското посредување, покажува дека регионот е значително зад ЕУ. Оттаму, понатамошното унапредување на финансиското посредување во регионот ќе биде помеѓу приоритетите за забрзување на конвергенцијата и во иднина.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека понатамошното унапредување на финансиското посредување во регионот може да се постигне преку поттикнување на домашното штедење, насочување на дел од готовинските заштеди во евра во финансискиот систем, зголемување на пристапот до надворешните извори на финансирање преку привлекување странски директни инвестиции во финансискиот систем, зголемување на конкурентноста, дигитализацијата и вклученоста, диверзификација на изворите за финансирање и понатамошна интеграција во европските финансиски системи, вклучително и преку пристапувањето во СЕПА, за што нашата држава веќе поднесе барање и наскоро очекува позитивен одговор од релевантните европски институции.

Можете да прочитате

СДСМ: Власта одби 100 денари линерана субвенција, Мицкоски, Трипуновски и ДПМНЕ ги изневерија тутунарите

На владина седница поминаа нови 500 милиони евра од Унгарија, ќе се наменат за еврообврзницата

Собранието го изгласа Буџетот за 2025 година