Утрински Весник
Македонија

Ангелов: Тежок пожар активен во „Јасен“, интервенираат два полициски и еден армиски хеликоптер

Pozar.jpg

Во текот на денешниот ден, неколку огнени жаришта се активни на отворен простор низ целата земја, извести директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Најкритична е состојбата во областа на Општина Македонски Брод, поточно во ловиштето „Јасен“, каде што пожарот веќе со денови не може да се стави целосно под контрола. „Овој пожар е активен неколку дена“, рече Ангелов.


„Иако повеќе пати беше ставен под целосна контрола, а на моменти и целосно изгаснат, поради исклучително непристапниот терен некои негови краци повторно се реактивираат, зафаќајќи поголема површина“, објасни Ангелов.

Во справувањето со пожарот се вклучени три хеликоптери – два од Министерството за внатрешни работи (МВР) и еден од Армијата, кои дејствуваат од раните утрински часови. На терен се распоредени 15 припадници на специјалните единици на МВР и 26 припадници на специјалните единици на Армијата, кои заедно со екипите на ЈП „Јасен“ и неколку тимови од Национални шуми, се трудат да воспостават контрола над огнената стихија.

Ангелов информираше дека активен е и пожарот во атарот на село Крапа во Македонски Брод, во близина на пожарот кој гореше и пред 20-тина дена. „Засега се работи за мал пожар и сум оптимист дека истиот ќе биде набргу ставен под контрола, а потоа изгаснат“, додаде тој.

Се уште се работи на гаснење на пожарот во близина на скопското село Свиларе, каде што на терен се наоѓа Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје со поддршка на два пинцгауери на ДЗС. Ангелов посочи дека во моментов нема други пожари кои може да се издвојат како тешки за гаснење.

Тој извести дека во текот на вчерашниот ден имало сериозен пожар за гаснење во околината на Кичево, кој избувнал во атарот на селото Челопејци. Овој пожар, нагласи тој, кој се движел кон блиските воени објекти и претставувал опасност за селото, бил изгаснат со брза и ефикасна реакција.

„Кон него итно упативме два полициски хеликоптери, еден армиски хеликоптер, како и двата Ер-трактори на ДЗС. Од земја покрај екипите на ТППЕ Кичево, во гаснењето учествуваа и повеќемина припадници на Армијата, а значителна поддршка дадоа и локалните жители. Овој многу тежок пожар кој што беше активен до доцните часови во ноќта и во 2 часот по полноќ беше целосно изгаснат. Оставени се патроли кои патролираат за да не дојде до негово реактивирање на некои од неговите краци. Состојбата со овој пожар е мирна“, заклучи Ангелов.

Можете да прочитате

Алиу: Онколошка амбулантска терапија наскоро ќе има во Тетово, Битола, Штип и ГОБ „8 Септември“

Вработените на Урологија се откажале од субвенции за телефони за да купат клими за болничките соби

Независните со сериозна шанса да му ги поматат сметките на Мицкоски на локалните избори