
По вчерашната одлука на Владата, Стојанче Ангелов денеска и официјално ја презеде функцијата директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), каде што доаѓа од позицијата прв човек на Центарот за управување со кризи (ЦУК).
На првиот ден во новата стара функција, Ангелов соопшти дека во моментов ниту еден од трите противпожарни авиони „ер трактор“ не е во функција, бидејќи се наоѓаат на сервис, но изрази надеж дека до почетокот на летото сите три ќе бидат подготвени и вратени во државата за интервенции при пожари. „Во овој момент немаме активен авион за гаснење пожари, но сум оптимист. Работиме на неколку решенија кои наскоро ќе ни помогнат поефикасно да се справиме со ризиците,“ изјави Ангелов.
Тој најави и структурни промени, посочувајќи дека Владата веќе формирала работна група за трансформација на системот за управување со кризи.
Главната цел, според него, е спојување на ДЗС и ЦУК во една нова, централизирана институција која ќе има поголема ефикасност и координација. „Дирекцијата има наталожени проблеми, но тука сум за да ги решаваме. Се стремиме кон систем кој ќе реагира навремено и организирано, особено во време на кризи и пожари“, додаде Ангелов.