Утрински Весник
Македонија

Ангелов и Бошкоски од жестоки критичари на ВМРО-ДПМНЕ сега се Обединети за Мицкоски, има ли Достоинство кога се работи за фотелји и кариери?

Vmro Press.jpg

На само една недела пред поднесувањето на листите за пратеници, на политичката сцена се случува би се рекло, традиционално (ре)групирање и позиционирање, особено на помалите политички партии.

Деновиве неколку партии од коалицијата околу СДСМ, „прелетаа во јатото“ на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓу нив највпечатливи се две имиња, тоа се партиите Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски и Достоинство на Стојанче Ангелов кои со СДСМ беа скоро цела деценија.

Но во квечерината на парламентарните избори и Ангелов и Бошкоски решија да ги сменат дресовите и тимот за кој „ќе трчаат“ на овие избори.

Но не беа далеку времињата кога „брат Љубе“ беше во директен конфликт со некогашната власт од ВМРО-ДПМНЕ, што го чинеше и долгогодишна затворска казна откако беше уапсен ден по изборите во 2011 година.

Долги години Бошкоски околу себе изгради ореол на „жртва на режимот“ човек кон кого тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ ја прикажа сета своја суровост.

Враќањето на слобода за Бошкоски значеше и нова епизода во полиитчката карира, овој пат не толку светла како во времињата на Љубчо Георгиевски но сепак задоволителна и одмерена имајќи ја предвид силината на партијата што ја формираше и предводеше.

Неговото враќање во партијата од која произлезе и од каде со години го нарекуваа „сестра Љубе“ не ја изненади само јавноста и неопределените гласачи, туку вознемири и одреден дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓу нив и екс претседател на партијата и поранешен премиер Никола Груевски, кој синоќа на Фејсбук изнесе мноштво детали за ликот и делото на Љубе Бошкоски.

Груевски во долга објава пишува за како што тој вели, „кодошењето“ на Бошкоски за Јохан Тарчуловски а изнесува и други детали се до моментот кога Бошкоски ја формира својата партија. 

Но покрај Љубе Бошкоски, на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски им се приклучува и Стојанче Ангелов со неговата партија Достоинство.

Иако и тој долги години беше во коалиција со СДСМ, сепак генералот реши да „дезертира“ пред најважната битка и замина да се бори за спротивната „војска“.

Очигледно дека и Ангелов како и Бошкоски ќе треба да ги објасни, ако веќе не ги објаснил сите оние силни напади кон Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ додека беше во сојуз со СДСМ.

Колку партиите на Бошкоски и Ангелов имаат реална силина и дали ќе му помогнат на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се знае по изборниот резултат, но она што останува како впечаток е дека непринципиелните коалиции и политички „прелетувања“ остануваат традиционален дел од македонскиот политички фолклор.

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор