
Група од 60тина студенти и професори од кампусот на Државниот дуален универзитет Баден – Виртемберг во Манхајм се во студиска посета на Македонија, а домаќин е Машинскиот факултет во Скопје. Денеска средба со нив оствари министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, на која беа разменети искуства околу примената и ефикасноста на концептот на дуално образование.
Јаневска посочи дека Македонија го воведе овој концепт во средните стручни училишта, постојано го надградува и промовира и дека голема поддршка добива од германски компании, кои со задоволство прифатија да бидат партнери на училиштата во практичното едуцирање на учениците.
– Во следниот период, ќе се заложиме за воведување на моделот на дуално образование на високообразовните установи. Така што, искуството на овој германски универзитет ќе ни биде од исклучително голема важност. Очекувам и повторно да добиеме поддршка од германски компании, за полесно да успееме во остварувањето на целта, рече Јаневска.
Од Машинскиот факултет во Скопје информираат дека веќе иницирале отворање на една дуална паралелка според германскиот модел, кој претставува 3-годишни студии со задолжителна пракса во траење од 3 семестри и исто толку семестри теоретска настава. Се размислува и за развивање на заедничка, интердисциплинарна програма со Државниот дуален универзитет Баден Виртембер, која ќе комбинира академско знаење и практична обука, со можност за студентска размена, заеднички менторирани проекти, како и создавање на програма од постдипломски студии или кратка специјализирана програма од заемен интерес.
Државниот дуален универзитет Баден – Виртемберг е водечка германска институција за дуално образование која има девет кампуси што комбинираат обука на работно место и академски студии, постигнувајќи блиска интеграција на теоријата и практиката. Универзитетот е основан во 1974 година и во моментов има над 35.000 студенти. Кампусот во Манхајм е втор по големина, со 6000 студенти на повеќе од 45 студиски програми и 2000 компании партнери во образовниот процес.