Утрински Весник
Македонија

Јаневска: Ред во образованието ќе ставиме со едносменска настава и продолжен престој во училиште

20260129190116 big 730x400 65.webp.webp

Во многу општини во државата има прекумерен број на наставници, односно работат со паралелки од неколку ученици и затоа блок дотациите кои ги исплаќаме за основното и средното образование во најголем дел се трошат за исплата на плати на наставниците. Проблемот може да се реши со оптимизација на училишната мрежа, воведување едносменска настава и продолжен престој во училиштата. Тоа ќе донесе и подобри резултати на нашите ученици на меѓународните тестирања како ПИСА.

Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во Собранието одговарајќи на пратеничко прашање во врска со неисплатениот регрес за годишен одмор на наставниците од средните училишта во општина Гостивар.

„Министерството за образование и наука во 2025 година кон општина Гостивар има исплатено блок дотација за финансирање на средното образование во износ од 320 милиони денари, а понатаму локалната самоуправа е надлежна да ги распредели средствата по ставки. Но, 96,9% од тие средства се исплатени за плати. Така што, јасно е зошто општината не исплатила регрес. Проблем е прекумерниот број на наставници и градоначалникот тоа го знае“, рече Јаневска.

Посочи дека од самиот почеток на мандатот се заложува за оптимизација на училишната мрежа и за воведување на едносменска настава.

„Не е добро да функционираат училишни објекти со по неколку ученици. Мораме да ги споиме со поголемите училишта. Тоа е добро за социјализација на децата и за намалување на режиските трошоци, а од друга страна со воведувањето на едносменската настава и продолжениот престој ќе ги задржиме сите наставници на работа и со нивен дополнителен ангажман од 2-3 часа дневно, нашите деца ќе постигнуваат многу подобри резултати од сегашните“, додаде министерката, потенцирајќи дека лани едносменската настава имало во 150 училишта, а годинава во повеќе од 200.

Можете да прочитате

Маричиќ со свечена заклетва го презеде мандатот како претседател на ДИК

Парламентарното собрание на Советот на Европа со одлука за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Македонија

Стоилковиќ: Тој што прима плата, мора и да оди на работа