Утрински Весник
Македонија

Јаневска: Реализиравме над 80 отсто од обврските од Акцискиот план за Стратегијата за паметна специјализација 2024-2025

20251202140700 big 730x400 45.webp.webp

Владата е цврсто определена да ја имплементира стратегијата за паметна специјализација на Македонија, која ќе овозможи да изградиме општество базирано на знаења и иновации, а Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија останува наш најважен партнер во исполнувањето на целта. Благодарни сме за досегашната поддршка и ги прифаќаме сите сугестии за унапредување на идните политики поврзани со развој на науката и иновациите.

Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на конференција за процесот на паметна специјализација на земјите од Западен Балкан, што денес се одржува во Брисел, во организација на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, а каде што таа ги презентира досегашните резултати од спроведувањето на акцискиот план 2024 – 2025 на стратегијата за паметна специјализација на државата.

„Акцискиот план за периодот 2024 – 2025 опфаќа 35 мерки и 63 активности со буџет од 6,1 милиони евра. Министерството за образование и наука е вклучено во 31 активност, а според анализата, досега се реализирани над 80 % од предвидените обврски“, рече Јаневска додавајќи дека новиот акциски план за периодот 2026 – 2027 е во подготовка и во него ќе бидат интегрирани препораките на Заедничкиот истражувачки центар на ЕК за зајакнувањето на финансиската одржливост, ангажманот на приватниот сектор и подобрување на механизмите за мониторинг и евалуација на стратегијата за паметна специјализација.

Министерката рече дека оваа година Владата речиси двојно го зголеми буџетот за наука и истражувања во споредба со 2024 година, финансира имплементација на проекти на јавните научни и високообразовни установи, на МАНУ и бизнис-заедницата, кои се во тесна релација со целите од стратегијата за паметна специјализација, како и дека е усвоен нов закон за иновациска дејност, научнотехнолошки развој и претприемаштво, врз основа на кој е основана и нова Национална агенција за иновации и претприемаштво – ИНОВА. Во процес на изработка се и нови закони за високо образование и за научноистражувачка дејност.

„Би сакала да ја споделам нашата неодамнешна национална иницијатива за воспоставување научнотехнолошки парк, што претставува клучен стратешки приоритет за Владата. Целосно сме посветени на неговата успешна реализација и во моментот ја подготвуваме потребната документација во тесна соработка со сите релевантни засегнати страни. Планирано е имплементацијата на проектот да почне во 2026 година означувајќи значајна пресвртница во унапредувањето на технолошкиот развој и иновациите во нашата земја“, рече Јаневска.

Министерката посочи дека државата има одлична соработка со Заедничкиот истражувачки центар на ЕК, со кој минатата година МОН потпиша меморандум за соработка, а лабораториите на Центарот станаа достапни за македонските научници и истражувачи. Рече дека в година ќе биде објавен и повик за финансиска поддршка на научниците за да се стимулира поголема искористеност на лабораториите.

На конференцијата, покрај министерката Јаневска, учествуваа и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, генералниот директор на JRC, Бернард Магенхан, како и министри и претставници од земјите од Западен Балкан.

Можете да прочитате

Халата за лесна индустрија станала клуб без знаење на сопственикот, тврди одбраната

Тодор продавал карти, но немал право да легитимира или контролира влез вели одбраната

Велковски: Ќе се градат типски куќи за бездомниците во Скопје