
Ромскиот јазик е дел од нашето заедничко културно богатство и преку образованието, станува дел од нашето заедничко наследство кое имаме должност и со задоволство го чуваме и негуваме. Честитки до сите наши сограѓани од ромска националност по повод Светскиот ден на ромскиот јазик. Им посакувам вечност на најважното идентитетско обележје и им порачувам дека Македонија ги почитува и секогаш ќе ги поддржува во заложбите за зачувување и развој на својата култура и идентитет, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на одбележување на Светскиот ден на ромскиот јазик – 5 Ноември.
Министерството за образование и наука континуирано работи на унапредување на образованието на ромската заедница и на создавање услови за одржливо изучување, промоција и заштита на ромскиот јазик. Во оваа насока, годинава има значајни исчекори.
„Чест ми е што лично ги предводев промените што се случија и додека раководам со овој ресор, ќе продолжам да прифаќам реални и спроведливи иницијативи. Со измени на законската регулатива овозможивме учениците да го изучуваат изборниот предмет „Јазик и култура на Ромите“ и во групи помали од 15 ученици, што претходно не беше пракса. На овој начин, создадовме реална можност секое дете што сака да го изучува ромскиот јазик, да може тоа да го направи без ограничување“, нагласи Јаневска, додавајќи дека преку обезбедување современи наставни материјали се негува ромскиот јазик од најрана возраст.
Министерството за образование и наука го зголеми бројот на ромски образовни медијатори во основното образование од 40 на 50 а за прв пат се воведени и во средното образование, каде во минатото недостасуваа, а имаат важна улога во градењето мостови помеѓу учениците, училиштата и родителите. Годинава е зголемена и квотата на стипендии за ученици и студенти Роми, за околу 300 стипендии.
„Ова се мерки кои произлегуваат од Националната стратегија за Роми и не претставуваат само краткорочни активности, туку одржливи јавни политики што ја зацврстуваат рамноправноста и инклузивноста во нашиот образовен систем. Со иста почит и политики продолжуваме и во периодот што следи, затоа што ромската заедница е дел од нашето заедничко општество и има придонес во неговиот развој. Ако го јакнеме образованието на Ромите, ја јакнеме и силата на заедницата и нејзината општествена улога“, укажа министерката за образование и наука Јаневска.



