Утрински Весник
Македонија

Јаневска: Kонструктивните предлози за високо образование ќе бидат прифатени

Janevska.jpg

Јавна дебата за предлог – законот за високото образование заедно со наставно- научниот кадар од универзитетот ,,Св. Климент Охридски” – Битола и универзтитето ,,Св. Апостол Павле’”- Охрид ќе се одржи денес на факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска на прес-конференција рече дека е задоволна од првата јавна расправа на државните универзитети.

– Имаше конструктивни предлози и сите што беа конструктивни ќе бидат прифатени. Има и технички грешки во законот, затоа се јавните расправи, тие ќе бидат исправени. Остануваат неколку члена за дискусија кои понатаму ќе се дискутираат. Законот ќе биде поставен на ЕНЕР до последниот, 30-ти ден, потоа во неколку дена ќе ги направиме сите добиени забелешки за кои работната група смета дека се прифатливи, ќе остане на ЕНЕР уште неколку дена за да ги видат забелешките кои се прифатени и потоа оди во владина процедура, рече Јаневска.

Сепак, рече таа,  ќе се разгледуваат само аргументирани и издржани забелешки и нема да се прифаќаат тие што се под нивото на академска дискусија, какво што било прашањето на еден универзитетски професор.

– Се случи еден професор на еден универзитет да праша зошто би бил потребен критериумот присуство на меѓународни конгреси, симпозиуми и други манифестации и праша кое би било фајдето на студентот ако професорот оди на вакви меѓународни собири. Мислам дека академското ниво треба да биде многу повисоко за да можеме да поставуваме вакви прашања. Ова прашаење не може да биде тема на дискусија во академска заедница и со ваквите прашања законот и дискусијата на министерот и на работната група во иднина нема да се занимава. Затоа што прашањето дали науката и образованието ќе имаат корист од вмрежувањето со странски универзитети, со странски професори, кои се на високо ниво, не е тема на дискусија. Ќе ги дискутираме оние членови на законот кои тие сметаат дека се проблематични за нив и на тие можеме да се приспособуваме. Јавната расправа е уште отворена и затоа и се прави – за да ги слушнеме сите аргументирани забелешки, истакна Јаневска. 

Министерката нагласи дека предложениот закон е прогресивен зашто ќе обезбеди поткренување на квалитетот на високото образование во државата. 

– Државава Македонија нема време за потпросечни, па и просечни и ретки добри резултати. Ние мора да го држиме чекорот со регионот и светот, инаку сè повеќе деца ќе ни се иселуваат и сè повеќе деца ќе даваат придонес во други држави. Една од причините зошто младите се иселуваат е и тоа што бараат поквалитетно образование. Направени се доволно напори за преку овој закон да се исполнат повеќе критериуми кои ни се неопходни за поголема видливост на универзитетот и на професорите. Законот бара и научно-истражувачка работа, и промена во студиските програми, но не со мешање во автономијата на универзитетот, и поголема законска контрола преку законот за квалитет во високото образование и вмрежување со странски универзитети и во разни алијанси, и двојни и заеднички дипломи… Ако имплементацијата оди добро, за неколклу години ќе имаме видлив пораст на квалитетот и покачување на нашите универзитети на ранг-листите, рече министерката Јаневска. 

Можете да прочитате

Пронајдено оружје при претрес во тетовско, лишени од слобода две лица, едниот на интернет се заканувал дека ќе изврши масовно убиство 

Македонија првпат доби екстрадиција од Дубаи – осуденик вратен во земјата

Сообраќајот на патот Виница – Берово е во целосен прекин поради протест