Утрински Весник
Македонија

Анестезиологот од „Санте плус“ осуден на четири години затвор за смртта на родилката

Анестезиологот од „Санте плус“ осуден на четири години затвор за смртта на родилката

Анестезиологот од клиниката „Санте плус“ доби четири години затвор за смртта на родилката Дебора Ќерими-Џамбази, која во 2018 година почина при породување. Пресудата ја изрече судијата Марин Станевски, кој исто така досуди и забрана за вршење лекарска дејност во траење од четири години. Обвинението го застапуваше скопското Обвинителство, а го поднесе пред три години.

dobivaj vesti na viber

Анестезиологот беше обвинет за кривично дело тешки дела против здравјето на луѓето. Според обвинителот, тој применил неподобен начин на лекување и со тоа предизвикал смрт. Обвинителството тврдеше, а пред судот докажуваше, дека анестезиологот склучил договор да ја врши работната обврска, без потрбно работно искуство во специјалноста над две години.

„На овој начин тој му се приклучил на оперативниот тим, во кој биле двајца лекари специјалисти гинеколози, кои на 18.1.2018 година вршеле хируршки зафат – царски рез врз сега веќе починатата родилка. Обвинетиот почнал со воведување на пациентката во општа анестезија, но ендотрахеалниот тубус, наместо во дишните патишта, првично го поставил во луменот на хранопроводот, што предизвикало недостиг на кислород во организмот од тежок степен и трајни оштетувања на витално важни органи. Од тие причини кај родилката настапил смртен исход, а кај нејзиното новороденче биле предизвикани трајни и значителни оштетувања на мозочното ткиво“, стоеше во обвинението.

Сега право на жалба има скопското Обвинителство, како и првостепено осудениот.

Можете да прочитате

Левица го прашува градоначалникот Стефковски колку илјади евра чинат неговите часовници и облека додека народот нема за леб

Филипче: Неспособноста на Мицкоски да испорача резултати го турка повторно во старите измислени сценарија за хаос

Од вкупно девет пожари на отворен простор, активен е еден