Утрински Весник
Македонија

Андоновски: Ги забрануваме првите 53 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа

1000025585 e1746772800598.jpg

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски вчера гостуваше во емисијата „За или против’’ на Алфа телевизија, каде што соопшти една новина, а тоа е првиот налог за забрана на 53 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа.

„Би сакал да истакнам една новина, го потпишав првиот налог за забрана на 53 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа. Со ова се забрануваат 53 портали коишто нелегално приредувале игри на среќа во Македонија и на коишто се прикачени македонски играчи на игри на среќа, знаеме дека се од Македонија затоа што се приклучуваат од македонски адреси и ги трошат своите пари’’, појасни Андоновски.


Министерот додаде дека овие портали кои се нелегални, за краток период ќе бидат забранети.

„Овие 53 портали се најактивните, што значи дека имаат најголем број на играчи и најмногу средства, налогот го испративме до АЕК која што во најбрз можен рок, а најдоцна до 7 дена, треба да го препрати до телеком операторите коишто се во Македонија, а тие веднаш да постапат и да ги забранат’’, додаде тој.

Андоновски исто така објасни дека ова е само прв налог за забрана на портали, бидејќи овие 53 се најкористените од нашите сограѓани и дека во следниот период ќе следат уште портали. Тој дополни дека проблемот е и во тоа што парите и информациите што ги предаваат граѓаните кон овие портали, немаме информација каде одат, а многу лесно може да се искористат на штета на граѓаните.

„Имаме група на приредувачи на игри на среќа, коишто потекнуваат од Македонија, но веб страниците се регистрирани на некои други домени, односно не се точка мк, туку точка нет, или точка ком и така натаму, знаеме дека се од Македонија и тука веќе имаме опасност затоа што тука може да се крадат средства. Не знаеме воопшто каде одат средствата на граѓаните, не знаеме каде одат нивните лични податоци коишто тие ги ставаат на тие портали. Затоа и ги таргетиравме најкористените портали,  а веднаш во следниот период, кога ќе помине оваа прва фаза, подготвуваме втор налог и мислам дека во рок од еден месец, ќе стигнеме и до 160 портали’’, заврши Андоновски.

Можете да прочитате

Министрите Тошковски и Дачиќ потпишаа договор за „One Stop” систем со едно застанување и брза заедничка контрола, имплементација пред летната сезона

МЗ Галичник бара итно да се санира патот во селото

Љутков од Венеција: Архитектурата зборува преку „Strada Brutalissima“