Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, тврди дека има посилен тим од ланската сезона и дека „кралевите“, како и секогаш, ќе ги нападнат сите трофеи.
Загубата на Карим Бензема секако не може лесно да се надомести, но италијанскиот стратег истакна дека Реал Мадрид е подготвен да се бори за секој можен трофеј со тоа што го има на располагање.
„Нашата цел е повторно успех во Лигата на шампионите, Ла Лига, Купот на Шпанија и Суперкупот на Шпанија. Верувам дека и со само еден централен напаѓач можеме да се бориме за овие трофеи. Точно е дека Бензема не напушти, но и така не беше типична „деветка“. Во основа, веќе имаме замена за Карим. Тоа може да биде Хоселу, може да биде и некој друг“, изјави Анчелоти.
Тренерот на Реал Мадрид е задоволен и од фудбалерите кои пристигнаа ова лето.
„Генерално, многу сум задоволен од квалитетот на новите фудбалери. Фран Гарсија ќе помогне на левата страна на одбраната каде што се мачевме минатата сезона. Хоселу ќе нѐ направи посилни во воздухот. Ѓулер е талентиран и многу млад, а на фановите дефинитивно ќе им се допадне. Белингем има извонредни квалитети во средниот ред. Минатата сезона немавме играч од средниот ред со неговите карактеристики. Ќе се обидам нешто ново и ќе видам што ќе се случи. Ако работите не функционираат, секогаш можеме да се вратиме на формацијата од минатото“, додава стратегот на Реал Мадрид.