Утрински Весник
Економија

Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во 2024 во фокусот на третиот јавен состанок на АВМУ

20250924131752 big 730x400 1.webp.webp

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го одржа третиот јавен состанок за оваа година, на кој директорот д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.

Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со мониторингот на известувањето на радиодифузерите за Локалните избори 2025, спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, доделените дозволи за радио емитување, активностите на полето на меѓународната соработка.


На состанокот беа презентирани и наодите од Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2024 година. Анализата содржи податоци за економското работење на радиодифузерите, односно податоци за вкупните приходи, вкупните трошоци, финансискиот резултат од работењето и просечниот број на вработени.

Вкупните приходи во индустријата во 2024 година изнесувале 3.219,21 милиони денари, додека вкупните трошоци 2.994,12 милиони денари. Вкупните приходи на МРТ биле значително повисоки отколку во претходните години и изнесувале 1.365,55 милиони денари, додека вкупните трошоци изнесувале 1.266,52 милиони денари. Јавниот сервис работел со добивка во износ од 87,81 милион денари, што е најдобар финансиски резултат остварен во последните шест години.

Приходите што ги оствариле сите комерцијални телевизии заедно изнесувале 1.607,39 милиони денари, додека вкупните трошоци изнесувале 1.503,13 милиони денари. Вкупните приходи на пазарот на радијата изнесувале 246,27 милиони денари, а трошоците на радиостаниците изнесувале 224,47 милиони денари.

Просечниот број вработени лица во редовен работен однос во 36-те комерцијални телевизии изнесувал 887 лица, додека кај радиостаниците изнесувал 186 лица. Целата анализа е достапна на веб страницата www.avmu.mk.

Можете да прочитате

Народната банка со поддршка од ЕУ започна проект за модернизација и унапредување на статистиката и платните системи

Мицкоски: Платите во јули пораснаа за над 10,5% споредбено со јули 2024, а државниот и јавниот долг се намалени за првпат по долго време

МФ: Формиран Комитет за јавни инвестиции за поефикасно и транспарентно управување со капиталните проекти